
Понекогаш е доволно само едно мало, таинствено суштество за целосно да се смени атмосферата на целата облека — или дури да се предизвика модна хистерија.
Токму тоа го направија Лабубу суштествата: неодоливи, мистериозни и бескрајно шармантни фантазмогорични битија од имагинацијата на уметникот Касинг Лунг од Хонгконг, кои станаа вистинска опсесија, особено кај светски ѕвезди.
Минијатурни по големина, но со огромна стилска моќ, овие чудесни суштества се спој на детски надреализам и луксузен моден став. Инспирирани од нордиската митологија, Лабубу се родени од бајковитата имагинација на својот креатор и денес може да се најдат во т.н. blind box пакувања — мали изненадувања кајшто никогаш не знаеш кое “чудовиште” ќе го добиеш.
Оваа аура на мистерија и ексклузивна реткост ги претвори Лабубу фигурите во глобален феномен. Трендот експлодираше кога модни икони како Ријана, Дуа Липа, Ким Кардашијан и Лиса од Блекпинк беа забележани како ги закачуваат своите Лабубу маскоти на соништата од чанти — Ботега Венета, Биркин и други луксузни икони.
Комбинацијата на висока мода со разиграни маскоти создаде микро-тренд што го промени начинот на кој се носат луксузни модни додатоци — додавајќи им доза на забава, индивидуалност и нежна провокација.
Како и секое вирално модно парче, и Лабубу стана “невозможна мисија” за набавка. Колекционери и модни ентузијастки од целиот свет се натпреваруваат за да ги зграпчат најретките примероци, додека цените на секундарниот пазар достигнуваат астрономски износи.
Наивни и слатки на прв поглед, но во својата суштина врвен симбол на статус, Лабубу се доказ дека модата понекогаш доаѓа во најмали — и најнеобични — пакувања.