КЗБ сугерира факултетите да се насочат кон настава со физичко присуство


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Комисијата за заразни болести сугерира сите факултети во Македонија да се насочуваат кон настава со физичко присуство, поткрепена со вакцинирање на студентите и наставниот кадар, пренесува Радио МОФ.

Кај возрасната група од 6 до 14 години, пак, се забележува зголемување на бројот на нови случаи на КОВИД-19. Се работи за децата кои во најголем дел посетуваат настава во училиште со физичко присуство, соопшти денеска претседателот на Комисијата за заразни болести д-р Александар Петличковски.

Тој посочи дека засега нема простор за загриженост и дека ја следат состојбата. Но, од Комисијата апелираат доследно да се следат актуелните протоколи за одржување на настава со физичко присуство. Исто така, апелираат и до учениците и до родителите да го прифатат тестирањето.

Според анализите на Комисијата, епидемиолошката состојба во државата со КОВИД-19 во изминатата недела покажала намалување на бројот на случаи, но тоа според Петличковски не дава за право да кажат дека е добра епидемиолошката состојба.

„Сите анализи јасно упатуваат кон фактот дека најголем дел од починатите од КОВИД-19 се невакцинирани или нецелосно вакцинирани, или вакцинирани со две дози пред повеќе од 6 месеци“, рече Петличковски упатувајќи апел до младите да размислат и за трета доза вакцина против КОВИД-19.