Home Живот и здравје Куркумата под лупа: Дали овој зачин навистина го подобрува здравјето?

Куркумата под лупа: Дали овој зачин навистина го подобрува здравјето?

Суперхрана или само добар маркетинг?

Златножолтиот прав, незаменлив дел од азиската кујна, во последниве години сè почесто се користи и како додаток во исхраната — токму поради куркуминот, активната состојка на која се припишуваат противвоспалителни, антиоксидансни и невропротективни својства.

Нова обемна анализа, објавена во списанието Frontiers in Pharmacology, детално ги испитува сите постојни докази за дејството на куркуминот врз човечкиот организам, споредувајќи ги дури и со официјалните терапии. Истражувачите ги разгледале 25-те најквалитетни студии од база од над 1.600 научни трудови.

Кои се најважните заклучоци?

Противвоспалително и антиоксидансно дејство
Куркуминот може да помогне во намалување на воспалителните процеси и оксидативниот стрес, особено кај лица со ревматоиден артритис или синдром на полицистични јајници.

Благо намалување на крвниот притисок
Кај некои испитаници е забележано благо намалување на систолниот притисок (околу 2 mmHg), но ефектите кај лицата со заболувања на црниот дроб не биле значајни.

Влијание врз холестерол
Постојат индикации дека куркуминот го намалува лошиот LDL холестерол и триглицеридите, а благо го зголемува добриот HDL холестерол. Кај лица со дијабетес тип 2, резултатите се поскромни.

Психичко здравје и мозочни функции
Кај одредени испитаници се намалени симптомите на анксиозност и депресија, а забележано е и позитивно влијание врз когнитивните способности кај постари лица без деменција. Меѓутоа, кај лица со Алцхајмерова болест, ефектите најчесто изостанале или биле негативни.

Олеснување на женските тегоби
Куркуминот покажа потенцијал во ублажување на менструалните болки и симптомите на ПМС, вклучително и психолошките промени во расположението.

Постојат ли несакани ефекти?

Главно се забележани благи проблеми со варењето — подуеност, мачнина, болка во стомакот или дијареа. Важно е да се напомене дека не сите студии биле на високо ниво, а се користеле различни дози (од 50 до дури 6.000 мг дневно) и различно траење на терапијата (од еден ден до една година), па резултатите се прилично нееднакви.

Дали се исплати да се користи куркума?

Вклучувањето на куркумата како дел од секојдневната рутина може да биде корисен додаток, но не треба да се гледа како чудотворен лек. Помага при воспаленија, болки, метаболички нарушувања и може да придонесе за подобро расположение, но ефектите зависат од секој поединец и неговата здравствена состојба.

За оние кои сакаат да пробаат — куркумата лесно се вклучува преку исхрана, суплементи, напитоци или во прав форма, но се препорачува консултација со лекар, особено доколку веќе примате терапија или имате хронични заболувања.

Куркуминот моментално покажува голем потенцијал, но потребни се дополнителни и строго контролирани истражувања за јасно утврдување на сите придобивки, оптимални дози и евентуални ризици.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Тренинг за совршени нозе и задник

Тренинг за совршени нозе и задник Убаво затегнати и оформени нозе се сон на секоја жена. Н…