Кривичен контра Апелација: Можеле мериторно да одлучат за „27 април“, наместо да ги држат предметите и потоа да ги враќаат


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


По донесената одлука на скопска Апелација за уважување на жалбите од обвинетите и укинување на првостепената пресуда за случајот „Организатори на 27 Април“, со реакција се јави и Основниот кривичен суд Скопје во која вели дека Апелацискиот суд Скопје, можел брзо и мериторно да одлучи по жалбите на обвинетите лица, пишува Слободен печат.

Ова особено затоа што причина за укинување на затворските казни е примената или непримената на Законот за амнестија, како што е наведено во нивното соопштение, без притоа да навлегува во анализа на доказите и утврдување на фактичката состојба, особено што предметот повеќе од една година се наоѓал во нивно надлежно постапување.

Со одлуката на Апелација укината е првостепената пресуда со која беа осудени поранешните министри Миле Јанакиески и Спиро Ристовски, поранешниот претседател на Собранието Трајко Вељаноски и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски и предметот е вратен на повторно судење пред Основниот кривичен суд Скопје.

„Доколку причината за укинување на пресудата е од техничка природа, односно примена на Законот за амнестија, тогаш судот можел веднаш да одлучи, пред се заради заштита на правата на обвинетите кои беа во притвор и под мерки, правата на оштетените кои се во исчекување на конечна одлука, но и заштита на самата постапка која може да застари. Мора да се има предвид дека со укинување на пресудата и нејзино враќање на повторно постапување, се прават дополнителни трошоци, одолговлекување и загрозување на правото за судење во разумен рок, кое е на штета на сите нас“, пишува во соопштението од Кривичен суд.

Оттаму додаваат дека апелациските судии, наместо административно да ги враќаат предметите на докомплетирање или на повторно постапување, и повеќе од една година да не постапуваат по истите, имаат законска можност, но и обврска, мериторно да одлучуваат со што ќе придонесат во неселективната борба со организираниот криминал и брза и ефикасна правда што е заложба на целата држава и предуслов за европскиот напредок.

„Сите високо профилни предмети, без разлика на статусот на обвинетите, во Кривичниот суд се водат во крајно транспарентна постапка со присуство на медиумите, невладините организации и претставниците на меѓународните организации кои ја следат и ценат работата на правосудните органи. Нешто што е признаено и пофалено како пример и од меѓународнот фактор, но и од домашната јавност, што пак не е пример при одлучување во повисоките судови. Па во тој правец, но и во однос на јавните коментари, пред сѐ од министерот за правда, апелираме да се внимава со избрзаните, непроверени и штетни изјави кои не одат во правец на издигнување на судството и судиите и градење на респектабилна репутација во општеството, напротив ја деградираат независноста и непристрасноста. Зачудува што ваквите ‘добронамерни‘ критики не доаѓаат во време кога судењата се одржуваат пред очите на јавноста туку откако Апелациониот суд, повеќе од една година чекање, носи одлука“, реагираат од Судот.

Од Кривичниот суд Скопје ги повикуваат медиумите и стручната јавност да анализираат каде и заради кои „суштествени повреди“ предметите со години чекаат правосилност и застаруваат, а граѓаните ја губат довербата во судството.

По идлуката на Апелацискиот суд со реакција се јави и Министерството за правда и го повика Судскиот совет, како што беше наведено, со најдобра намера веднаш да реагира и да преземе мерки за утврдување на околностите врз основа на кои е донесена пресудата, да се поведе постапка, вклучувајќи и дисциплинска, ако се уврди дека некои свесно или несвесно со своите постапки дозволиле довербата во правосудниот систем да падне на најниско ниво.