Кинеските воени бродови и авиони ја преминаа тампон-зоната меѓу Кина и Тајван


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Неименуван претставник од тајванската влада изјави дека кинески воени бродови и авиони утрово ја преминале линијата на разделување со Тајван која што е неофицијална тампон зона меѓу Кина и Тајван.

– Околу десет бродови на кинеската морнарица утрово ја преминаа централната линија и останале во областа, а околу 20 кинески воени авиони накратко ја премина централната линија, изјави тој.

Сè уште нема официјална потврда од Министерството за одбрана на Тајван за бројот на авиони и бродови кои ја поминале линијата на разделување.

Кина денеска соопшти дека ги повикала европските амбасадори во Пекинг на состанок во знак на протест против изјавите на групата Г7 и Европската унија со кои се критикуваат кинеските вежби над Тајван.

Кинеското Министерство за надворешни работи денеска соопшти дека заменик министерот Денг Ли дал „официјална изјава“ за, како што рече, „дрското мешање во внатрешните работи на Кина“, пренесуваат американските медиуми.

Кина веќе неколку дена има испратено воени бродови и авиони, а вчера лансираше и проектили во Тајванскиот теснец, по посетата на американската висока функционерка Ненси Пелоси на Тајван.

На кинеската страна, што е свртена кон Тајван, денеска се собраа туристи да ги гледаат воените авиони кои се упатуваат кон областа за вежбање. Над главите на туристите се слушаа моторите на авионите, додека туристите фотографираа и извикуваа: „Да го вратиме Тајван назад“, додаваат американските медиуми.

Пет кинески проектили вчера паднаа во јапонската ексклузивна економска зона, во близина на островот Хатерума, јужно од главните јапонски острови, изјави јапонскиот министер за одбрана Нобуо Киши.

Тој кажа дека Јапонија протестирала поради ракетата, оценувајќи дека таа е „опасна закана за националната безбедност на Јапонија и безбедноста на јапонскиот народ“.

Токио додаде дека веруваат дека преостанатите четири проектили истрелани од Фуџијан го прелетале Тајван.

Британските медиуми во меѓувреме пренесуваат дека Кина го повикала јапонскиот амбасадор во Пекинг поради учеството на Токио во „неточната“ изјава на Г7 за Тајван, соопшти кинеското Министерство за надворешни работи.

Кина нема да го изолира Тајван со тоа што ќе ги спречи американските претставници да го посетат автономниот остров, изјави пак денеска претседателката на Претставничкиот дом на САД Ненси Пелоси.

Таа рече дека нејзиното патување во Тајван немало за цел да го промени статус квото на островот, туку да го одржи мирот во Тајванскиот теснец. Пелоси, исто така, ја пофали тешко здобиената демократија на Тајван, вклучувајќи го напредокот во различноста и успесите во технологијата и бизнисот, и го критикуваше кинеското кршење на трговските договори, ширењето на оружјето и проблемите со човековите права.

Пелоси замина од Тајван во Токио, завршувајќи ја посетата што ја налути Кина.