По децении истражувања на музиката и фреквенциите и нивното влијание врз луѓето, Мајкл Тајрел дојде до изненадувачки заклучок – музиката има значителен ефект и врз домашните миленици.
Музиката може да помогне во намалување на анксиозноста, да го ублажи нервозното однесување и да го намали лаењето и ржењето. Но, постои една добитна формула за тоа музиката навистина да има ефект врз нас и нашите миленици – тајната е во фреквенцијата.
Во процесот на истражувањето, Тајрел знаел дека класичната музика, како онаа од Моцарт, Бетовен, Бах и други, има позитивен ефект врз милениците. Но, креирајќи музика со различни фреквенции, тој открил сосема нов концепт – музика на сосема ново ниво. Таа потсетува на музика што се слуша во лифт – не ве нервира, туку напротив, ве релаксира. Мајкл е основач на музичкиот проект „Wholetones“ и истоимениот канал на YouTube каде ги споделува своите дела. Неговите колекции се составени од различни фреквенции кои поттикнуваат позитивна енергија и го намалуваат секој облик на негативност.
Што точно е фреквенција? Целата музика е креирана со помош на фреквенција – а 1 херц значи дека има еден звучен бран во секунда. Совршената музика на Тајрел за смирување на кучиња е компонирана на фреквенција од 396 херца, односно 396 звучни бранови во секунда. За обичниот човек ова можеби нема некакво значење, затоа што секој знае каква музика му годи. Но, она што не го знаете е дека вие ја доживувате фреквенцијата – без разлика дали сте свесни за тоа или не. Токму затоа, неговата музика може да биде исклучително корисна за кучињата – тие ја восприемаат фреквенцијата на поинаков начин од нас. Замислете ја ситуацијата како со пишталката за кучиња – ние не ја слушаме, а тие ја слушаат, токму поради фреквенцијата.
„Животните се чувствителни на таквите фреквенции и можат да ги слушнат дури и кога звукот е значително намален“, вели Мајкл. Затоа, ако имате куче што не слуша добро (поради старост или некој здравствен проблем), пробајте да му пуштите музика со фреквенција од 396 херца. Ќе забележите промени во неговото однесување, особено ако повремено лае или ржи без причина.
Следниот пат кога вашиот миленик ќе се најде во стресна ситуација, пуштете му звуци за медитација (или музика од Wholetones, творештвото на Мајкл) со соодветна фреквенција и обрнете внимание дали неговото однесување се менува – односно дали се смирува.