Каква позадина стои зад оставката на словенечкиот премиер Церар?


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Откако еден од клучните и капитални инвестициски проекти на неговата влада доби правна бариера за реализирање и му беа поништени резултатите од референдумот, премиерот на Словенија Миро Церар поднесе оставка.

Оставката на Церар се случува само три месеци пред парламентарните избори најавени за јуни. Засега е нејасно дали оставката на Церар ќе го забрза распишувањето на изборите. Во актуелните анкети, Партијата на модерниот центар на Церар заостанува зад три други партии, а во водство е централно-левата Листа на Марјан Шарец, која никогаш досега не учествувала на избори, пред централно-десната Словенечка Демократска партија, пренесува Дојче Веле.

Церар соопшти дека се повлекува по одлуката на Врховниот суд да се поништи резултатот од септемврискиот референдум со кој беше одобрен железничкиот проект вреден една милијарда евра, најголемиот инвестициски проект на неговата влада.

„Железничкиот проект доби нов удар од оние кои сакаат да го сопрат позитивниот развој на Словенија. Не сакам да бидам дел од такви приказни“, изјави Церар.

Во средата, веќе втор ден по ред протестираа учителите кои бараат повисоки плати. Вработените во неколку други јавни сектори исто така бараат повисоки плати.

„Барањата и сугестиите сѐ се помалку остварливи, па дури и штетни за државата“, рече Церар.

На прес-конференцијата тој призна дека коалициските партнери веќе подолго време се обидуваат да ги поткопаат проектите, без притоа да ги именува. Владината коалиција која ја презеде власта во септември 2014 година, ги вклучува партијата на Церар, како и Социјалдемократите и партијата на пензионерите Десус.

Од Владата велат дека барањата на вработените во јавниот сектор ќе значат покачување од речиси една милијарда евра, но не се оправдани со продуктивноста и растот на БДП, и ќе го загрозат фискалното планирање. Владата годинава очекува раст на БПД од 3,9 проценти, откако во 2017 година беше достигнат раст од цели пет проценти.