
Десетици милиони луѓе ширум светот сè почесто се соочуваат со топлотни бранови и немилосрден континуитет на денови со влага и високи температури.
Иако нема сомнение дека екстремната жештина може да биде физички непријатна, истражувањата укажуваат дека ваквите услови можат да влијаат и на нашата психа. Научна студија која ги анализира ризиците за менталното здравје предизвикани од климатските промени, открила дека екстремните температури го нарушуваат психичкото благосостојба.
Дополнително, други истражувања воспоставиле врска помеѓу сè почестите топлотни бранови и разновидни проблеми со менталното здравје, вклучувајќи психички замор, агресија и зголемени стапки на самоубиства. Сепак, оваа врска не се сведува само на порастот на температурата. Присутна е и кај луѓето кои живеат во климатски услови каде што жештината е постојана. Научниците допрва треба да откријат зошто тоа се случува и дали самата топлина предизвикува промени во мозокот кои можат да доведат до вакви последици. Но, експертите се едногласни дека екстремните жештини и топлотни бранови имаат негативно влијание врз менталното здравје.
ТОПЛИНАТА И МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ
Доказите покажуваат дека екстремните температури можат да влијаат на нашата психа на повеќе начини – од секојдневно расположение, до зголемена веројатност за акутни психички кризи.
Студија објавена во JAMA Psychiatry, ги анализирала медицинските досиеја на повеќе од 2,2 милиони возрасни кои ги посетиле одделенијата за итни случаи во 2.775 окрузи во САД, во периодот од 2010 до 2019 година. Научниците откриле дека имало околу 8 проценти повеќе посети поврзани со ментално здравје за време на најтоплите летни денови. Посетите на итна помош поради проблеми како самоповредување, употреба на супстанции, анксиозност, нарушувања на расположението и шизофренија, континуирано се зголемувале со порастот на температурата. Овој тренд бил релативно изедначен и кај мажи и кај жени од сите возрасти.
Други истражувања, пак, покажале дека повисоките температури во топлотен бран можат привремено да предизвикаат релапс кај лица со биполарно нарушување, а зголеменото изложување на сонце може да го зголеми ризикот од манијакални епизоди. Високите температури исто така се поврзани и со смртни случаи кај луѓе со шизофренија или други психички состојби.
ШТО СЕ СЛУЧУВА СО НАШЕТО ТЕЛО ВО ВРЕМЕ НА ТОПЛОТЕН БРАН?
Кога не ни е удобно, не функционираме во најдобра состојба. Непријатноста што ја предизвикува топлотниот бран и енергијата која телото ја троши за да се разлади, можат да ја намалат наша отпорност. Нашето тело е навикнато на одредено основно ниво на стрес. Кога се обидува да ја регулира телесната температура за време на жештини, се зголемува нивото на стрес и воспаление. Луѓето кои веќе имаат проблеми со менталното здравје, можат да бидат особено подложни на дополнителниот стрес од жештините, што може да ги влоши нивните симптоми.
Топлите летни ноќи може негативно да влијаат и на квалитетот и должината на спиењето. А според експертите, различни нарушувања во спиењето и несоницата се тесно поврзани со влошување на менталното здравје низ времето.
Што точно се случува во мозокот за време на екстремна топлина е тешко да се истражи, затоа што, според научниците, лабораторијата овозможува испитување на тоа како мозокот и телото реагираат во текот на неколку минути или часови на високи температури – но не и како се справуваат со денови, недели или месеци. А токму продолжената изложеност е важна за да се разбере долгорочното влијание на климатските промени врз нас.
СТРЕСОТ ЗАД СЕКОЈ ТОПЛОТЕН БРАН
Не треба да ја заборавиме ни загриженоста околу климатските промени. Шумските пожари и топлотните бранови, меѓу другите временски појави, стануваат сè почести под влијание на климатските пореметувања. Како што глобалното затоплување се влошува, еколошкиот стрес може дополнително да ги отежне симптомите на стрес, анксиозност, депресија или дури и ПТСП поврзан со катастрофи.
Одредени луѓе се поосетливи на топлина од други. Истражувања покажале дека луѓето со пониски примања имаат потешки последици по менталното здравје во споредба со оние со повисоки приходи. Жените исто така почесто се погодени отколку мажите. Комбинирано, научниците откриле дека ефектот на високите температури врз менталното здравје е двојно полош кај жените со ниски примања отколку кај мажи со високи приходи.
Во време на топлотен бран, на многу луѓе не им е целосно јасно како да се заштитат. Но, експертите советуваат да се избегнува директна изложеност на сонце кога е можно, секогаш да се носи шише со вода и телото редовно да се хидрира.