Празниците се време за дружење со пријателите и семејството, пријатни изненадувања и добро расположение. Но, често овие денови можат да донесат и грижа и напнатост поради желбата сè да биде совршено и завршено навреме. Во продолжение ви нудиме неколку совети како да ги поминете празниците без стрес.
Ешли Худсон, лиценциран терапевт од Калифорнија, вели дека списоците со обврски за време на празниците, сакале или не, нè водат до фрустрација и нè оддалечуваат од она како всушност сакаме да го поминеме времето. Од таа причина, ако не уживате во светкавки и венчиња – не мора да ја накитите куќата. Ако не ви значи традиционално семејно јадење – не мора да го ставите на трпеза. Помислете што навистина ВАС ќе ве направи среќни – ако тоа е порција суши наместо сарми, тогаш тоа нека биде вашиот празничен избор. Ако сакате вештачка елка, наместо природна – тоа е во ред. Ако повеќе сакате да бидете дома со партнерот, отколку да одите по гости – изберете го тоа.
Размислувајте внимателно при купување
Специјалистот за потрошувачки навики, Треј Бодж, советува дека однапред испланирана куповина и придржување до буџетот можат многу да помогнат во избегнување непотребен стрес. Во продавниците има сè, особено пред Нова година, и многу лесно може да се направат импулсивни и скапи набавки.
За да го избегнете тоа, направете список на луѓето на кои сакате да им подарите нешто, одлучете што сакате да им купите и придржувајте се до тој список. Планирајте го износот што можете да го потрошите – и не го поминувајте. Уште подобро, ако уште однапред знаете што сакате да подарите, почнете со купување порано. Некои веб-страници нудат попусти ако се регистрирате или учествувате во нивни акции – така можете и да заштедите.
Побарајте помош
Пред празници секогаш има многу обврски. „Одлучете што можете самите да направите и слободно побарајте од другите помош за останатото“, советува Ева Петручело, експерт за одржлив начин на живот.
Нема ништо лошо во тоа да побарате поддршка – подобро е отколку да се соочувате со дополнителен стрес и анксиозност. Вашиот сопруг може да оди во набавка, пријателка може да го чува детето додека вие се релаксирате во фризерски салон. И секогаш прифатете ако некој сака да донесе нешто на забава – особено ако готвењето ве прави нервозни.
Одвојте време за себе
Во целата организација за блиските, често се заборава на себе. Иако е важно да се погрижиме за саканите, не смееме да ја заборавиме грижата за себе – тоа е клуч за физичка и ментална благосостојба. Изберете си еден ден или барем неколку часа во текот на неделата за нешто што го сакате. Според Александар Бургејмајстер, невропсихолог, тоа може да биде читање книга, гледање комедија, долга прошетка, шопинг за празнични пијалаци или само седење во тишина. Направете сè што ве расположува и не дозволувајте припремите да станат трка со времето.
Престанете со потребата за контрола
Контролата не е секогаш можно да се оствари, но можно е да престанете да се грижите околу сè. Желбата да контролираме често се јавува од несвесни стравови и анксиозност.
Побарајте од вашите гости однапред да почитуваат некои правила – на пример, слободно кажете дека не сакате да фрлаат петарди поради домашни миленици во близина. Подобро е навреме да предупредите отколку подоцна да се нервирате. И не се грижејте ако нешто не оди по план. Спонтано излегување на плоштад може да биде многу повозбудливо од планирана вечера дома, а флека на фустанот не е крај на светот – луѓето се тука за вас, не за модна ревија.
Не правете големи планови
Преполн распоред за празниците и обидот сè да се заврши навреме може да биде извор на голем стрес. Размислете однапред што е навистина важно и што може да почека по празниците.
Одредете колку денови ве сакате само за себе, а колку сакате да ги посветите на пријатели. Означете ги тие денови во календар со различни бои и организирајте ги според вашите потреби. Избегнувајте правење амбициозни планови што зависат од здравствената состојба во земјата. Ако аранжман за патување се откаже поради ковид-мерки, а немате резервен план, тоа само ќе предизвика разочараност. Понекогаш вреди да се почекаат подобри времиња.
Создадете сопствени празнични традиции
Не мора да ги продолжувате семејните традиции ако не ви се допаѓаат. Можете да си создадете свои – тоа ќе ве направи посреќни и ќе го намали стресот. Ако не сакате елка затоа што имате разиграна мачка што ја расфрла, направете своја празнична декорација – неколку гранки во ваза се сосема доволни, па дури и ништо, ако така се чувствувате поудобно.
Следете го вашето здравје и навики
Недостаток на движење, прејадување, зголемена консумација на алкохол и недоволно спиење можат да доведат до пад на расположението и зголемен стрес за време на празниците. Затоа е важно да се грижите за себе: излегувајте на свеж воздух, обидете се да спиете доволно и да се храните здраво. Вашето тело и ум ќе ви бидат благодарни.