Иванов апелира до Владата да го објави договорот за добрососедство со Бугарија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Претседателот на Република Македонија, Ѓорге Иванов, ја повика Владата да го објави и образложи текстот на договорот за добрососедство со Бугарија пред неговото потпишување.

Иванов смета дека отсуството на транспарентност предизвика негативни коментари и загриженост во јавноста која треба да се надмине со објавување на текстот на договорот пред неговото потпишување.

„Претседателот Иванов потенцира дека секогаш треба да се имаат предвид националните и државните интереси на Република Македонија и дека кој било меѓудржавен договор не смеe да бидe на штета на македонските национални интереси“, се вели во соопштението од Кабинетот на претседателот.

Иванов вчера оствари средба со министерот за надворешни работи Никола Димитров, на која беше информиран за последната нацрт верзија на договорот за пријателство и добрососедство со Република Бугарија.

Во соопштението се додава дека претседателот Иванов, како досега, така и во иднина, ќе продолжи со ангажман во процесите на помирување и решавање на спорните прашања на мирен начин и преку политички дијалог во согласност со меѓународното право и добрососедските односи со цел да се постигнат праведни и фер решенија врз основа на принцип на заемно почитување и поддршка и воздржување од мешање во внатрешните работи на државите. Иванов ги поздравува волјата и ангажираноста на сите што во изминатиот период беа вклучени во напорите за усогласување на договорот меѓу двете држави.