Изненадувачки е колку лесно современите трендови во сексуалноста можат да го поткопаат достоинството на жените, дури и кога се претставени како „ослободувачки“.
Еден од поновите примери за тоа е феноменот наречен хотвајфинг – концепт кој на прв поглед можеби изгледа како израз на слобода и взаемно прифатена отворена врска, но во суштината открива старо лице на патријархатот обвиено во ново пакување.
ШТО ВООПШТО Е ХОТВАЈФИНГ?
Во основа, станува збор за договорена релaција во која жената има сексуални односи со други мажи со знаење, а понекогаш и присуство на својот сопруг или партнер. Мажот, од своја страна, останува емоционално „верен“, уживајќи во тоа да гледа или слуша за нејзините искуства. Оваа идеја води потекло од апликацијата Wifey и брзо се прошири како онлајн тренд – особено меѓу хетеросексуални мажи – во кој жената станува „сексуален трофеј“ кој служи за исполнување на машки фантазии.
ДАЛИ СТАНУВА ЗБОР ЗА ВИСТИНСКА СЕКСУАЛНА СЛОБОДА?
Поддржувачите на овој тренд тврдат дека хотвајфинг може да ја освежи врската и да донесе доза возбуда, но загрижувачко е од каде доаѓа тој концепт: во поголемиот број случаи, сценариото е создадено според машки копнежи, додека жената станува објект – средство за потврдување на машката моќ, а не субјект на својата сопствена желба.
Самото име „hotwife“ (буквално: „згодна сопруга“) не е наивно – тоа имплицира дека женската сексуалност има вредност само кога е под машка контрола и за машко уживање. Наместо да биде субјект на своја еротска автономија, жената станува алатка за задоволување на туѓи фантазии. Не е случајно што овој тренд многу ретко вклучува смена на улогите – сето тоа е поставено низ машка призма на доминација и набљудување.
СЕКСУАЛНОСТА НАСПРОТИ СПЕКТАКЛОТ
Она што го прави овој тренд опасен не е самата практика на договорена отворена врска – која може да биде здрава и функционална форма на современа сексуалност – туку неговата цел. Во хотвајфингот, женското тело и нејзиното искуство се претвораат во изведба, во спектакл, нешто што постои за да ја потврди машката пожеленост и контрола.
Под покров на сексуална ослободеност се крие многу традиционална динамика – мажот ја контролира приказната, просторот и толкувањето. А жената? Таа може да „ужива“, но само додека ги игра правилата од неговото сценарио.
Ако нешто изгледа како сексуална слобода, а во суштина е создадено за потврда на машка моќ – тогаш тоа не е слобода. Тоа е нова форма на стара контрола. А вистинската сексуална рамноправност не почнува од тоа кој кому „дозволува“, туку со прашањето: кој има моќ да избере за себе?