Home Вебкафе Хелена Кристенсен: Тајните на блескавата убавина на супермоделката

Хелена Кристенсен: Тајните на блескавата убавина на супермоделката

Кои се ритуалите и третманите за лице што ги следи славната данска убавица и поранешен Викторијин ангел на свои 56 години?

Хелена Кристенсен, едно од најпрепознатливите лица во светот на модата, останува вечна инспирација за фотографите и дизајнерите ширум светот. Со богата кариера која вклучува безброј насловни страници од најпрестижните магазини, модни писти и кампањи за водечки светски брендови, оваа данска убавица и поранешен ангел на Викторија Сикрет ги открива своите ритуали за нега – совршена комбинација од природна едноставност и суптилен луксуз.

УТРИНСКА И ВЕЧЕРНА РУТИНА ЗА НЕГА

„Сакам да поспијам до последен можен момент и често станувам само половина час пред работа. Ако имам снимање, едноставно одам во студио и се препуштам во рацете на врвни шминкери“, признава Хелена. Кога е во природа, оди до блиската река каде што си прави пилинг на кожата со шеќер или сол, потоа се капе во ладна вода и нанесува глина што ја собира од брегот, низ целото тело. „Седам на сонце, ги слушам птиците, го чувствувам ветерот – тоа ми е како лична медитација“, вели таа. Откако ќе се исуши глината, повторно се забранкува во вода за да ја исплакне, а потоа кожата ја храни со кокосово масло – единствениот производ што го користи кога е во природа.

Во зимските вечери, обожава да се опушта во када со маска на лицето, со цел да ја хидрира кожата што страда од сушење поради честите летања. „Потоа користам нежен чистач, прскам лице со тоник, нанесувам серум, масло, па хидратантна крема за лице и за очи. Понекогаш спијам со ноќна маска – не е баш најдобро за перницата, ама за кожата прави чуда“, раскажува низ насмевка.

РУТИНА ЗА НЕГА НА КОСАТА

„Имам среќа – косата ми е густа, брзо расте, иако е кадрава и дивечка, никогаш не ми станала пречка. Напротив“, нагласува супермоделката. Во секојдневната грижа користи хранливи балсами и маски, но и природни состојки како глина, кал и кокосово масло. Често носи празна тегла со себе за да собере глина од реката и ја користи дома. Си подготвува и свои природни мешавини за убавина, како мед или микс од вотка и лимонов сок за природни прамени, кои потоа ги „активира“ преку сончање – она што ќе остане, вели, го претвора во коктел!

ОМИЛЕНИ МАКЕ-АП ПРОДУКТИ

Без црвен кармин никаде! Хелена го користи на усни, на образи како руменило, па дури и на очни капаци – над кои потоа нанесува вазелин или сјај за дополнителен блесок.

ТРЕТМАНИ ЗА ЛИЦЕ И WELLNESS НАВИКИ

Веќе со години ѝ се препушта на експертските раце на позната холивудска специјалистка за нега на кожа – Џоана Варгас, а за поцрвениот тепих користи третмани со златни маски кои, според неа, „прават магија“. Редовно оди и кај естетичарот Фабрицио Ормонде и кај дерматологинката д-р Анета Реско – особено кога станува збор за ласерско отстранување на хиперпигментации. Иако си ги сака пегите, признава дека понекогаш стануваат пренагласени и се спојуваат во една голема дамка.

ТAЈНАТА НА ВИТАЛНОСТА? ЛАДНА ВОДА И БАЛАНС

„Водата ми е опсесија. Без разлика дали пливам, нуркам или само се разладувам, студената вода е моето најголемо откритие последниве години. Стана неопходен дел од моето секојдневие, каде и да сум“, вели Хелена. Додава и дека се труди да си легнува навреме, дека јаде здраво и веќе дваесет години вежба – најмногу бокс, кој го обожава уште од својата 35-та година.

Хелена Кристенсен и понатаму е симбол на природна елеганција – жена која ја негува својата убавина и однатре и однадвор, спојувајќи сурови елементи од природата со современа нега и безвременски стил.

Вчитај повеќе поврзани статии
Comments are closed.

Check Also

Ким Кардашијан, Глен Клоус и Наоми Вотс прават спектакл на суд – Рајан Марфи ја носи серијата што ќе ви го освои срцето

Рајан Марфи се враќа со полна пареа со нови правни драмолетки, а првите сцени од тизерот в…