Грчките медиуми со нови детали за егзекуцијата на Орхан Бајрами во Ханиоти


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Грчките полициски служби поседуваат видео снимка од убиството на Орхан Бајрами – Оки, кој беше брутално егзекутиран во саботата наутро во грчкото одморалиште Ханиоти на Халкидики.

Според истрагата во вилата во која престојувал Бајрами заедно со неговиот пријател Сеат Слезовиќ, кој бил ранет и е на лекување во грчка болница, се наоѓале и две девојки, пренесуваат грчките медиуми.

Од видео снимката се гледало како две маскирани лица од мотор влегуваат во дворот од викендицата и испукуваат најмалку 20 куршуми (32 мм) кон Бајрами, по што 39-годишникот бил смртно ранет. Повреден бил и неговиот 45-годишен пријател, Сеад Слезовиќ кој е надвор од животна опасност и е на лекување во грчка болница, јавуваат грчките медиуми.

Орхан Бајрами-Оки и неговиот пријател Сеат Слезовиќ подолго време престојувале во луксузната викендица во близина на Ханиоти. Се претпоставува дека тој се криел во Грција по најавите на социјалната мрежа Тик-ток дека тој е следниот. На фотографијата објавена на Тик-ток се три лица, меѓу кои и Бајрами, а двајцата негови пријатели биле обележани со Х. Под фотографијата било напишано „наскоро доаѓа“.

Бајрами е познато име од скопското подземје и организираниот криминал. Тој бил водачот на криминалната група Дуќанџик. Пресметките во скопското подземје веќе подолг период се секојдневие во Македонија и Косово, а сега се преселија и во Грција.

Бајрами беше сопственик на казино во Скопје.

Убиството на македонскиот граѓанин Блерин Даци (или Блерим Шабани) во Приштина на 15 јуни кој бил дел од криминалната група Дуќанџик се поврзува со пресметките во скопското подземје. На 6 март во Шиша бар во скопската чаршија биле убиени Јетон Кривањева викан Жила и Енес Исени. Тогаш напаѓачите влегле во Шиша бар облечени во црна униформа, викале дека станува збор за полициска рација, по што во телата на Кривањева и Исени испукале повеќе од 40 куршуми.

Истрагата за откривање на сторителите на сите овие убиства е во тек. Се претпоставува дека убијците на Бајрами веднаш ја преминале границата кон Македонија. Официјално, македонската и грчката полиција соработуваат во истрагата за убиството во Ханиоти.

По убиството на Бајрами на социјалните мрежи е објавена фотографија на која трите лика се обележани со Х.