Голема изборна победа на Борис Џонсон, Лабуристите со најлош резултат од 1935 наваму


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Британските конзервативци на чело со Борис Џонсон забележаа изборна победа бидејќи според првичните резултати, имаат убедлива предност пред сите други политички опоненти на предвремените парламентарни избори во Велика Британија, според излезните анкети. Се предвидува комотно мнозинство за Џонсон.

Борис Џонсон ќе освои нов премиерски мандат и ќе има комотно мнозинство од околу 86 пратеници во новиот британски парламент. Тоа ќе му го отвори патот да го реализира ветувањето за завршување на процесот на излегување од ЕУ до 31 јануари следната година.

Според првичните проценки, Конзервативната партија на Џонсон ќе освои 368 од 650 места во новиот парламент- истовремено и најголема победа на оваа партија уште од триумфот на Маргарет Тачер во 1987 година. Тоа ќе му овозможи на Џонсон брзо да го ратификува договорот за Брегзит во парламентот.

„Се надевам дека уживате во вечерашната прослава“, им порача Џонсон на своите поддржувачи преку е-мејл и на Твитер синоќа. „Со малку среќа, утре ќе почнеме со работа“.

Опозициската Лабуристичка партија ќе освои 191 место, најлош резултат на партијата од 1935 година. Шкотската национална партија може да смета на 55 места, а Либерал Демократите на 13.

Иако новото парламентарно мнозинство ќе му овозможи на Џонсон брза ратификација на договорот за Брегзит, тоа нема да биде крај на неговите маки, затоа што потоа го очекува и постигнување договор за трговија со ЕУ, и тоа во рок од 11 месеци.