
Кога е полесно да кажеш „веќе не те сакам“ отколку „сакам повисока плата“!
Во свет кој се менува побрзо од трендовите на TikTok, а иднината е сè освен предвидлива, генерацијата Z – односно сите оние млади кои штотуку дипломирале или се пред влез во својата прва „вистинска“ работа – се соочуваат со предизвици што одамна го надминуваат прашањето „што да облечам за интервју?“ Нив не ги мачи само прашањето за кариера, туку и огромниот психолошки притисок што го носи со себе.
Најновото истражување (спроведено од Talker Research и апликацијата за дигитално банкарство Chime) открива нешто навистина изненадувачко, и донекаде симпатично: повеќе од половина од Gen Z велат дека им е потешко да побараат покачување, отколку да раскинат љубовна врска! Да, добро прочитавте!
54% од испитаниците од генерацијата 2024–2025 изјавиле дека преговарањето за плата им е поголем извор на стрес отколку љубовен раскин
39% не се согласуваат – за нив, раскинот и понатаму е емотивна драма број еден
Но, тука не завршува работата – анксиозноста не е резервирана само за работното место. Всушност:
71% од младите чувствуваат сериозна загриженост затоа што не знаат што ги чека после дипломирање
Само 42% тврдат дека се сигурни во своите планови
Сепак, постои надеж! Меѓу оние кои имаат дипломирано пред една година, 66% велат дека работите им се одвиваат токму како што планирале. Браво, екипо!
Ајде сега малку да зборуваме за секојдневните „возрасни“ работи – знаете, даноци, буџети и сите тие „забавни“ работи што доаѓаат со полнолетството?
52% од младите сметаат дека даноците се покомплицирани од склопување мебел од IKEA
Само 35% имаат свој буџет
Само 26% некогаш напишале чек (чек? Што беше тоа?)
И само 22% водат евиденција за месечните трошоци
Друго истражување, овојпат од Универзитетот Grand Canyon, додава уште неколку податоци за сликата на пост-студентскиот живот:
37,1% велат дека животот после факултет им е потежок од студентските денови
56,2% велат дека е емотивно понапорен
Само 44,4% сметаат дека факултетот бил постресен од работниот свет
Па што ни кажува сето ова? Дека Gen Z е генерација што пораснала опкружена со кризи: од финансиски колапси, преку пандемии, па сè до климатски промени и постојано високи цени за станарина. Но она што вистински ги издвојува е нивната брутална самосвест, храброст да зборуваат за менталното здравје и отвореноста кон теми што во минатото беа табу.
Меѓутоа да бидеме реални – и понатаму, преговарањето за плата им е ноќна мора. А тука би можеле многу повеќе да направат самите работодавачи. На пример, веднаш да ја наведат платата во огласите, за младите да знаат со што влегуваат во приказната. Едноставен потег, но огромен чекор кон намалување на стресот и создавање фер услови.
Генерацијата Z можеби не е најгласна кога треба да побара повисока плата, но затоа е неверојатно свесна, отворена и подготвена да го менува светот – само им треба малку повеќе поддршка. И малку помалку формулари за даноци.