Г7 го одби барањето рускиот гас да го плаќаат во рубљи – Русија се закани дека ќе го исклучи гасот за Европа


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Министрите за енергетика од Групата седум индустриски развиени земји (фамозните Г7) ги отфрлија барањата на рускиот претседател Владимир Путин „непријателските“ земји да го плаќаат рускиот гас со рубљи, изјави германскиот министер за економија и и енергетика Роберт Хабек по разговорите со неговите колеги, пренесе Ројтерс.

„Сите министри на Г7 се согласија дека ова е еднострано и јасно прекршување на постоечките договори“, изјави Хабек за новинарите по завршувањето на виртуелната конференција со министрите за енергетика на Г7.

Тој додаде дека министрите уште еднаш потврдиле оти склучените договори се валидни и оти компаниите треба и мора да ги почитуваат. Плаќањето во рубљи, истакна Хабек, е неприфатливо и ги повика засегнатите компании да не го исполнуваат барањето на Путин.

„Очигледен е обидот на Путин да нè подели, но – како што можете да видите од ова големо единство и решителност – нема да бидеме поделени“, додаде тој.

Во меѓу време, САД и ЕУ потпишаа нов договор за испорака на американски гас за европските земји, со што западните сојузници ќе се обидат да стават крај на зависноста на Европа од руската енергија.

Новиот договор беше на вториот ден од самитот на лидерите на ЕУ во чиј фокус е руската инвазија на Украина поради која ѝ беа наметнати санкции на Русија што, пак, си го зема својот данок – енергетска криза во Европа.

Одбивањето на земјите членки на Г7 да плаќаат гас во рубљи ќе доведе до прекин на снабдувањето со гас во Европа, соопштиле денеска од Русија, пренесува „РИА Новости”, повикувајќи се на изјавата на Иван Абрамов, шеф на советот за економски политики, кој рекол дека Русија не може бесплатно да нуди гас.

„Ако нашиот услов е да се плаќа во рубљи, тогаш тоа значи дека мора така да се плаќа. Имаат доволно прилики да купат рубљи за тоа“, рекол тој и додал дека не поставиле невозможни услови.

Истата изјава ,околу тоа дека Русија нема бесплатно да дава гас, ја дал и Дмитриј Песков, портпарол на Кремљ.