Заборавете на здодевни диети и инстант трикови – оваа есен на TikTok се слави храната богата со растителни влакна!
Житарки, мешунки и семки станаа новите ѕвезди на фидот, а нутриционистите овојпат немаат приговор – можеби само едно големо „да“. Тајната? Тренд со научна основа – fibremaxxing.
Fibremaxxing значи свесно зголемување на внесот на растителни влакна преку оброци богати со грав, цели житарки, chia семки и слични производи, со цел подобро варење и општо чувство на благосостојба. Зборот maxxing е интернет жаргон за „до максимум“, па во овој контекст – колку повеќе влакна, толку подобро!
Како започна?
Како и многу други трендови, и овој доаѓа од Gen Z. Памела Корал, 25-годишна TikTok инфлуенсерка, стана вирална објавувајќи видеа со оброци преполни со влакна – едно од нив собра над 10 милиони прегледи! „Се трудам да јадам многу влакна. Инаку, не можам ни да снимам видео“, се пошегува Памела, промовирајќи здрави навики кои експертите со задоволство ги одобруваат.
Зошто се важни влакната?
Ова не е само TikTok тренд. Истражување од 2019 година покажа дека исхраната богата со растителни влакна го намалува ризикот од срцеви заболувања, мозочен удар, дијабет тип 2 и рак на дебелото црево за 16 до 24 проценти. Дури и 7 грама повеќе дневно – колку што има во половина конзерва грав – може да го намали ризикот од хронични болести за 9 проценти.
Храна богата со растителни влакна:
- Мешунки (грав, леќа, наут)
- Целозрнести житарки (овес, интегрална тестенина, интегрален ориз)
- Овошје и зеленчук
- Компир со кора
- Семки (chia, лен и други)
Експертите препорачуваат: возрасни жени да внесуваат околу 25 г влакна дневно, а мажи 38 г. Реалноста? Поголем дел не достигнуваат ни 20 г. Влакната го намалуваат холестеролот, помагаат во регулација на шеќерот во крвта, го поддржуваат здравјето на срцето и мозокот, па дури и влијаат на расположението.
Специјалистите напоменуваат дека зголемувањето на внесот треба да биде постепено – инаку може да се појави надуеност, грчеви или запек. Водата е задолжителна, бидејќи без доволна течност влакната не функционираат како што треба.
Влакна – природен „Оземпик“?
Трендот дополнително доби популарност поради поврзаноста со ситост и контрола на телесна тежина. На TikTok се прикажуваат како природна алтернатива на Оземпик, заедно со вирални смути рецепти кои ветуваат долга ситост и подобра регулација на шеќерот во крвта.
Еден од најпопуларните рецепти, со дури 10 г влакна по порција, стана вистински хит:
- ¼ шолја chia семки
- ½ шолја замрзнати малини
- 2 лажици сок од лимон
- 3 шолји кокосова или алое вода
Овој тренд потврдува дека здрава исхрана може да биде шик, забавна и визуелно привлечна – инспирација за сите што сакаат да јадат паметно, да изгледаат убаво и да се чувствуваат одлично.