“`html
ФАБИНГ: ЛОША НАВИКА ШТО МОЖЕ СЕРИОЗНО ДА ЈА НАРУШИ ВАШАТА ВРСКА
Можеби никогаш не сте чуле за изразот фабинг, но големи се шансите дека веќе сте го доживеале – или дека сами несвесно сте го практикувале.
Станува збор за сè почеста навика во современото време: игнорирање на личноста покрај вас затоа што вниманието ви е насочено кон мобилниот телефон. Било да бесконечно скролувате на Instagram, проверувате пораки или гледате видеа на TikTok, резултатот е ист – личноста со која сте во моментот ја губи вашата внимателност. Иако на прв поглед изгледа како блага навика на модерниот живот, експертите предупредуваат дека фабинг може сериозно да го наруши квалитетот на комуникацијата и блискоста во врските.
Психолозите објаснуваат дека оваа појава создава парадокс: технологијата која е создадена да нè поврзува, всушност може да нè оддалечи од луѓето кои се физички покрај нас. Според психолозите, фабингот може сериозно да ги наруши меѓучовечките односи во реалниот живот, бидејќи испраќа порака дека телефонот е поважен од лицето со кое разговарате.
ФАБИНГОТ НÈ ОДДАЛЕЧУВА ЕДНИТЕ ОД ДРУГИТЕ
Бројни истражувања покажуваат дека присуството на телефон за време на разговорот значително го намалува квалитетот на комуникацијата. Студија објавена во списанието Journal of Applied Social Psychology покажа дека луѓето се чувствуваат негативно во интеракција дури и кога само замислуваат дека ги игнорира соговорникот поради телефонот.
Слични резултати дало и истражувањето објавено во списанието Computers in Human Behavior, кое покажало дека праќањето пораки за време на разговор ја прави комуникацијата помалку пријатна и помалку исполнувачка во споредба со разговорите без телефон. Уште пораната студија од 2012 година открила дека дури и самиот телефон на масата – иако никој не го користи – може да го намали чувството на блискост помеѓу луѓето.
МОЖЕ ДА ВЛИЈАЕ И НА МЕНТАЛНОТО ЗДРАВЈЕ
Научниците исто така откриле дека фабингот може да ги загрози четирите основни психолошки потреби: чувството на припадност, самопочитта, чувството на цел и чувството на контрола. Кога некој доживува фабинг, може да се почувствува исклучено, занемарено или одбиено.
Долгорочно, оваа навика може да ги наруши и партнерските односи. Некои истражувања покажуваат дека паровите кај кои фабингот е честа појава имаат поголема веројатност да доживеат пад на задоволството во врската, па дури и симптоми на депресија. Причината е едноставна – кога партнерот за време на разговорот постојано гледа во телефонот, тоа може да остави впечаток дека нешто друго има приоритет над самиот однос.
НИКОЈ ВО СУШТИНА НЕ ДОБИВА
Интересно е што фабингот негативно влијае и на лицето кое го практикува. Истражувањата покажуваат дека луѓето кои користат телефони додека јадат со семејството или пријателите помалку уживаат во оброкот и се чувствуваат разсеано во споредба со тие што се во тој момент целосно присутни.
Покрај тоа, ваквото однесување може да влијае и на начинот на кој ве перцепираат другите. Луѓето кои често гледаат во телефон за време на разговори често се сметаат за помалку љубезни, помалку внимателни и послаби соговорници.
ДОБРА ВЕСТ – ФАБИНГОТ МОЖЕ ДА СЕ ПРОМЕНИ
Иако оваа навика стана скоро секојдневна, експертите истакнуваат дека може релативно лесно да се промени. Еден од наједноставните начини е поставување јасни правила кога станува збор за користење на технологијата – на пример, одложување на телефонот за време на вечера или разговор со партнерот.
Практикување на техники како медитација или осмислена внимателност може да помогне повторно да ја развиеме способноста за концентрација и присутност во моментот.
Ако сте сепак личност која честопати доживува фабинг, психолозите советуваат да се обидете да реагирате смирено. Наместо обвинување, обидете се да објасните како поради тоа се чувствувате. Отворен и искрен разговор често е првиот чекор кон промена на навиката која, иако изгледа мала, може да има големо влијание врз квалитетот на односите.
Зашто на крајот од денот, ниту една порака, нотификација или видео снимка не може да замени вистинската човечка поврзаност.
“`