Емил Димитриев: СЈО и СДСМ прават обид за уништување на ВМРО ДПМНЕ


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


СЈО и СДСМ прават обид за уништување на ВМРО ДПМНЕ на што жестоко ќе се спротивставиме, рече денеска премиерот во заминување Емил Димитриев на прес-конференција во партиското седиште.

СЈО и СДС ќе бидат единствено одговорни за атмосферата која ќе биде предизвикана во следниот период и во која ние ќе се спротивставиме на неправдата и неправото, рече тој во реакција на отворањето на новите истраги на СЈО во кои партискиот лидер Никола Груевски и други високи партиски функционери се сомничат за перење пари и незаконско финансирање на партијата.

Димитриев ги демантира наводите на СЈО дека партијата нелегално се финансирала. Според него, СЈО сака да ја дискредитира и да ја скрши ВМРО ДПМНЕ како единствена политичка сила која ги брани националните, државните и граѓанските интереси со цел да се скрши Македонија. Тој побара истрага и за финансирањето на СДСМ.

На прес-конференцијата зборуваа и Никола Попоски и Антонио Милошоски, кои обвинија дека СЈО работи како подружница на СДСМ и штанца обвиненија против ВМРО ДПМНЕ.

СДСМ, пак, ги повика чесните и одговорни членови, поддржувачи и пратеници на ВМРО ДПМНЕ да се оградат од партиското раководство и како конструктивна опозиција, во интерес на државата и граѓаните, да ги поддржат потребните реформи што ќе ги спроведе новата влада. Според СДСМ, промените во Македонија се почнати и никој повеќе не може ниту да сокрие, ниту да избегне соочување со правдата.