Движење меѓу Македонија, Србија и Албанија без ПЦР тестови – лекувањето од КОВИД-19 бесплатно за сите


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Граѓаните на Македонија, Србија и Албанија ќе можат да ги минуваат границите и без ПЦР-тест, а доколку државјанин една од трите земји поради Ковид-19 се најде во болница, државата во која се наоѓа ќе ги преземе трошоците за лекување.

Ова, меѓудругото, е предвидено во Меморандум за соработка во услови на Ковид-19, кој вчера го потпишаа премиерот Зоран Заев заедно со претседателот на Србија, Александар Вучиќ и премиерите на Србија, Ана Брнабиќ и на Албанија, Еди Рама во присуство на министрите за здравство.

Во Меморандумот се потенцира дека министрите за здравство и лекарите од трите земји ќе соработуваат и ќе разменуваат искуства во борбата со коронавирусот

Премиерот Заев, кој беше домаќин на настанот, истакна дека со ова се поставува патот за уште посилна соработка меѓу земјите.

– Отвораме зелени коридори за патување на нашите граѓани и економските оператори со кои се ублажуваат последиците од Ковид-19. Граѓаните и, пред сè, носителите на економијата ќе се движат помеѓу трите земји без потреба од ПЦР-тестови односно ќе се ослободат од административен и финансиски товар. Сакаме да го олесниме животот на нашите граѓани и да поставиме основи за економско закрепнување, рече Заев.

Македонија, Албанија и Србија, како што кажа, веднаш ќе почнат да работат на координација околу обезбедување на вакцина за Ковид-19 за нашите граѓани.

Претседателот на Србија, Александар Вучиќ истакна дека здравјето и инфекциите не познаваат национални државни граници и затоа исто така е многу важно тоа што го договориле да не ги затвораат границите, туку заеднички да ја пребродат кризата, заедно да се борат против пандемијата и да продолжат со трговската размена, да ја унапредуваат таа соработка и сите други видови соработка.

Албанскиот премиер Еди Рама рече дека со меморандумите што веќе ги потпишале се предвидува размена на информации и искуства, како и на товарот, колку што е можно во услови на пандемијата со Ковид-19.

– Со Софискиот самит, почнува една нова фаза на нашата тесна соработка и Косово ќе се приклучи на иницијативата. Посакувам исто така и другите земји од западнобалканската заедница да се приклучат, истакна Рама, кој додаде дека е многу важно да ѝ се укаже на ЕУ, дека на Балканот му треба поголема поддршка.