
Џими Чу одбележува 30 години и ги враќа чевлите што ги обожуваше Кери Бредшо
Модата постојано се менува, но некои парчиња остануваат вечни. А кога зборуваме за такви класици – невозможно е да не се спомне името Џими Чу.
Оваа година, култниот бренд слави три децении на најгламурозен и најносталгичен можен начин: со враќање на легендарни модели на чевли кои го обележаа крајот на деведесеттите… и, се разбира, Кери Бредшо!
Станува збор за ексклузивната колекција „The Archive: 1997–2001“ – вистинска модна ода на времињата кога потпетиците беа високи, боите храбри, а стилот – личен, игрив и ни најмалку скромен. Колекцијата е омаж на првите години на модната куќа, но и на незаборавната хероина од серијата „Сексот и градот“, славната Кери Бредшо, чија љубовна сага со Ејдан и господинот Биг беше комплицирана – но љубовта кон чевлите на Џими Чу беше сосема јасна.
Се сеќава ли некој на онаа легендарна сцена кога Кери се сопна и извика: „Чекај! Го изгубив мојот Чу!“ Тогаш целиот свет сфати дека чевлите не се само моден додаток – тие се став, идентитет, па дури и емоционална поддршка кога животот ќе тргне наопаку.
Во срцето на оваа модно-емотивна приказна се наоѓа прочуениот модел 72138 – виолетови slingback чевли со пердуви и потпетица од 10 сантиметри, кои од мигот кога се појавија на екран станаа чиста магија. Тогаш беа новитет, денес се легенда.
Сандра Чои, креативната директорка на брендот, изјави дека овој модел не е само чевел – тоа е симбол на фантазија, моќ и женственост. Затоа, тим од стручни лица, меѓу кои и дизајнерот Конер Ајвс и модниот писател Александер Фјури, прелистале повеќе од 14.000 архивски дизајни за да изберат осум модели што ќе бидат дел од оваа јубилејна колекција.
Резултатот? Совршен спој на носталгија и современ луксуз – чевли со леопард принт, змиски детали, кристали и шик линии што изгледаат како да се излезени од моден сон од 1999 година. Тука е и легендарниот модел „Leo“, кој Кери го носеше во првата сцена од серијата – онаа каде што беше на дожд кога крај неа поминува автобус со нејзиниот лик и натписот: „Кери Бредшо знае што е добар секс.“ Да, токму ТАА сцена.
И не, ни пакувањата не останаа незасегнати – кутиите во ретро виолетова нијанса „winter bloom“ го враќаат духот на првата продавница на Џими Чу во Лондон и го носат оној магичен момент кога за првпат ќе отвориш кутија со совршен пар чевли – и сфатиш дека сè има смисла.
Оваа колекција не се обидува да ги брка трендовите. Таа е љубовно писмо до модното минато – носталгично враќање во времето кога девојките својот стил го избираа со срце, а не по алгоритам. Совршена за новата генерација вљубеници во модата, но и за сите оние што пораснаа со Кери – и преку неа научија дека модата е многу повеќе од облека. Таа е став, слобода и начин да му кажеш на светот: „Знам која сум – и тоа го носам на потпетица од 10 сантиметри.“
Колекцијата „The Archive: 1997–2001“ е достапна во одбрани бутици на Jimmy Choo и на официјалниот сајт на брендот.