Денес ќе биде изречена судската пресуда за случајот „Рекет“


Вака се слави гол во 120-та минута!!! ↓↓↓


Кога минатата година, на 3 декември, започна судскиот процес за случајот „Рекет”, предметот беше најавен како еден од најголемите случаи во македонското судство до сега. Интересот на јавноста беше голем, а целото внимание од предметите што ги водеше СЈО, наеднаш и припадна токму на тогашната шефица, Катица Јанева. И, тоа во пакет со Бојан Јовановски, во јавноста познат како Боки 13.

По „Рекет“, „Титаник“, „ТНТ“, „Тортура“, „Топлик“… и другите предмети на „Т“ кои Јанева со задоволство ги најавуваше и отвораше, како да паднаа во сенка.

Пред пандемијата и состојбата со ковид-19 која денес ја живееме „Рекет“ беше тема број 1 во медиумите. Некако дури и премногу, но како да не биде кога една специјална обвинителка која беше избрана да гради доверба и да стои на чело на СЈО, кое пак го избраа за да им се спротивстави на сите кои учествувале во некаков организиран политички криминал, користи зборови како „ороспија“, „говнарка“… И тоа, ни помалку, ни повеќе туку во една судница која треба да биде просторија во која има пристојност, одмереност, достоинство, знаење, спроведување на закон, култура, речник… А вулгарните зборови, пак, упатени кон колешката за која Јанева секаде зборуваше дека најмногу и верува, обвинителката Лиле Стефанова.

По 36 одржани рочишта и неколку одложени најчесто поради поплаките за лошото здравје на Боки 13 и 30 сослушани сведоци, овој предмет стаса пред првостепена пресуда која јавноста треба да ја чуе денес.

Јанева, според доказите на Обвинителството во мобилниот на Јовановски се криела под псевдонимот „мајка“. Но, наместо да ги „разголи“ оние кои ги смести во предметите на „Т“, Јанева пред крајот на судскиот процес реши да се разголи себе си, во долна облека на состанок во Заводот за ревизија.

Наспроти соблекувањето на Јанева, Боки си ја бара облеката во судница.

Тој побара 71 црна вреќа со 1.208 различни парчиња облека кои истражителите ги заплениле да му бидат донесени во судница, но судот одби.

За волја на вистината како поминуваа рочиштата Боки 13 изгледаше по свеж во судница и без брендираната роба која по налог на Обвинителството му беше одземена од дома.

На првото рочиште во судница влезе со маки, под рака го држеа затворските чувари, а во лицето беше блед. Одвај станувајќи тогаш го молеше судот да се одложи судењето бидејќи бил болен. Но, судијката Васка Николовска-Масевска не отстапуваше, викаше лекари, се правеа прегледи и рочиштата течеа.

На следните неколку рочишта Боки 13 влегуваше се поенергично во судница, се до средината на процесот кога повторно се пожали дека е болен, но овој пат со тврдење дека има рак.

Но, Николовска-Масевска не се раководеше од емоциите, туку од лекарската документација, па му појасни на Јовановски дека нема рак, туку хроничен гастрит.

За емоции во судот зборуваше клучниот сведок Орце Камчев, кој тврдеше дека сведочел емотивно за процесот, но емоциите не ги покажа.

Беше ироничен, насмеан, па нервозен, но раскажуваше како со план и стил му ја одбрал чантата „Луи Витон“ на Боки 13 во која спакувал милион евра и, како што вели му ги дал на Јовановски.

Но, парите ги нема. А, обвинителката Вилма Русковска тврди дека доказите се јасни и дека обвинетите ги сториле кривичните дела. Таа го обвини Бојан Јовановски – Боки 13 за кривично дело „примање награда за противзаконито влијание” и за „перење пари”. Јанева ја обвини за „злоупотреба на службената положба и овластување”, а Зоран Милевски-Кичеец за „примање награда за противзаконито влијание”.

На првото рочиште во декември почна и заврши постапката за Зоран Милевски кој беше заедно со Јанева и Јовановски во овој предмет. Тој призна вина и доби затворска казна од 3 години.

Следни за пресуда се Јанева и Јовановски. Наместо во салата во Основниот кривичен суд во Скопје, овие двајца обвинети пресудата ќе ја чујат во Врховниот суд во Скопје и тоа во големата сала наменета за свечености.

Во „Рекет“ од декември до денес имаше многу „свечености“ и театрални моменти.

Камчев кој е главен осомничен во предметот „Империја“ овде стана жртва и клучен сведок. Јанева од шефица на СЈО стана обвинета. За Камчев таа е хиена, за Боки 13 е мајка.

Но, она што е факт е дека таа кај јавноста го загуби големиот углед и довербата со која почна пред неколку години.

Наместо со огромни папки со кои мафташе на прес-конференциите во СЈО претставувајќи ги предметите, сега на рацете носи лисици.

Ако претходно ја придружуваа нејзините колешки Фатиме Фетаи и Ленче Ристовска, денес ја дружи полицијата.

За тоа кој ќе и прави друштво во иднина и дали Јовановски и Јанева ќе завршат зад решетки или на слобода ќе одлучат судиите.

Утре судијката Васка Николовска-Масевска ќе го скрши мразот и ќе донесе пресуда за „Рекет“.

Од нејзината првостепена одлука ќе зависи дали ќе има жалби и дали овој предмет ќе оди во рацете на повисоките судови.

Пресудата ќе ја чуеме денес, а дотогаш знаеме дека „Рекет“ ја удави довербата во СЈО.