Дел од корисниците на Телеком синоќа пет часа без интернет, ТВ и телефон


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Дел од корисниците на Телеком низ земјава синоќа околу пет часа останаа без интернет, телевизија и телефони, откако, како што соопшти компанијата на своите официјални профили на социјалните мрежи, настанале технички проблеми како последица на невремето во скопскиот регион. Проблемите почнаа околу 19 часот, а, според Телеком, сите услуги биле воспоставени низ цела Македонија дваесетина минути по полноќ.

„Ве информираме дека како последица на невремето што го погоди Скопскиот регион, настанаа технички проблеми при што дојде до прекин на нашите услугите кај корисниците на територијата на град Скопје и дел од територијата на Македонија, како и до недостапност на Контакт центарот“, соопшти Телеком во 20 часот.

Во 22 часот, Телеком објави дека нивните услуги се се уште во прекин, бидејќи се работи за поголем дефект предизвикан од атмосферски празнења што предизвикаа сериозни оштетувања на системите за напојување во главниот телекомуникациски центар и поради што корисниците во одредени делови од Македонија останаа без дел од услугите, а последното соопштение дека сите услуги се воспоставени низ цела Македонија беше во 00:22 часот.

За време на прекинот, граѓани се жалеа на социјалните мрежи дека не можат воспостават повици, да се приклучат на интернет или да гледаат телевизија и споделуваа фотографии од уредите што не функционираат.