Даштевски избран за претседател на ДИК


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Со 95 гласа „за“ и ниту еден „против“ или „воздржан“ пратениците го изгласаа старо-новиот состав на Државната изборна комисија (ДИК).

По предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, претседател на ДИК ќе биде Александар Даштевски, а Дитмире Шеху, предлог на ДУИ, останува потпретседателка.

Другите членови се: Бобан Стојаноски, правник во Собранието, кој е предлог поддржан од ВМРО-ДПМНЕ; Борис Кондарко, Радица Ристеска и Оливер Ристовски – предлози од СДСМ; и Кренар Лога, правник од Струга – предлог на коалицијата Алијанса за Албанците (АА) и Алтернатива.

Новиот состав на ДИК е избран непосредно пред истекот на мандатот на актуелниот, на 15 јануари.

Станува збор за старо-нов состав бидејќи четворица од членовите веќе имаат искуство. Новиот претседател Даштевски беше избран за член на ДИК во составот од 2006 година, но тогаш како предлог на ВМРО – Народна партија.

Потпретседателката Шеху, ја имаше истата функција и во актуелниот состав на ДИК чиј мандат истекува за неколку дена. Ист е случајот и со две од трите избрани имиња по предлог на СДСМ, Борис Кондарко и Радица Ристеска.

Во новиот состав свој претставник изгуби Беса, која пред парламентарните избори влезе во коалиција со СДСМ и стана владејачка партија. Според новиот распоред на силите во Собранието, тоа место како втора опозиција го зазеде коалиција на АА и Алтернатива.

На огласот за нов мандат се пријавија и други досегашни членови на ДИК. Јанакие Витановски од СДСМ, кој во меѓувреме стана обвинет во случајот „Моќник“ со Антоонио Милошоски, а кандидатура поднесе и Елизабета Постоловска од ВМРО-ДПМНЕ, но и двајцата не добија поддршка од партиите. Очекувано не се пријави Енвер Саљихи од Беса, но нов мандат не побара и Оливер Дерковски, кој стана еден од четворицата осомничено во неодамна отворената истрага од Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција.

За старо-новиот составот на ДИК немаше дискусија меѓу пратениците на собраниската седница. Единствениот кој се пријави за збор беше Кастриот Реџепи од Беса кој рече дека тие ќе го поддржат предлогот, но го отвори и прашањето за реформа.

„После секој изборен процес партиите кои ги губат изборите велат дека изгубиле поради нерегуларности, велат дека немале член во ДИК, бараат алиби. Јас би сакал во иднина да се имплементира идејата како што беше дадена и ДИК да има професионални членови, непартиски, да биде тело кое не може да се оспорува од никого“, рече Реџепи според кој натпартиско изборно тело ќе биде долгорочно решение.

Инаку, на огласот за новиот состав на ДИК се пријавија 14 кандидати. Имињата кои беа поддржани од партиите беа соопштение утрово, по што следуваше гласањето на пленарната седница.