
Дали е мит или вистина?
Ако некогаш сте се обиделе да слабеете, сигурно сте ја слушнале познатата препорака: „Испиј чаша вода пред јадење, така ќе изедеш помалку.“ На прв поглед звучи логично – водата делумно го исполнува стомакот, создава чувство на ситост и на тој начин помага да се внесе помалку храна. Но, дали навистина делува, или е само уште еден популарен мит?
Според д-р Роберт Х. Шмерлинг, професор на Харвард Медикал Скул, иако тврдењето има одредена смисла, научните докази се мешани – и најчесто ограничени на мали и краткорочни студии.
1. „Ако се чувствуваме сити, ќе јадеме помалку.“
Да, водата може привремено да го рашири стомакот и да испрати сигнал до мозокот да се успори темпото на јадење. Но тоа не значи автоматско слабеење. Според д-р Шмерлинг: „Водата пред јадење нема да ве направи слаби, но може да ви помогне да јадете посвесно и да не претерувате. Можеби ќе седнете на маса веќе делумно сити.“
Покрај тоа, експертите за долговечност препорачуваат водата да се пие пред или по јадење – а не за време на оброк – за да не се разредат дигестивните ензими.
Интересен факт: Едно истражување покажало дека постарите испитаници кои пиеле вода пред јадење, консумирале помалку калории. Други истражувања укажуваат дека лица кои биле на нискокалорична диета губеле повеќе килограми кога пиеле вода пред оброците, отколку кога не ја пиеле – но истите студии биле краткорочни.
2. „Пиењето вода согорува калории.“
Идејата е следна: кога пиеме ладна вода, телото треба да ја загрее до телесна температура – а за тоа троши енергија. Овој процес се нарекува термогенеза.
За жал, иако некои постари студии го поддржувале тоа, поновите истражувања не нашле доволно силни докази дека водата (па дури и ладната) значително го засилува согорувањето на калории. Значи – не, нема да ослабете само со тоа што ќе пиете вода и ќе лежите на кауч.
3. „Не си гладна – туку си жедна.“
Оваа популарна теорија – особено на TikTok – тврди дека често ја мешаме жедта со глад. Наместо да посегнеме по ужина, можеби е подобро прво да испиеме чаша вода.
Сепак, како што вели д-р Шмерлинг: „Регулацијата на чувството на глад и жед е многу сложена и се менува со возраста. Кај повозрасните чувството на жед ослабува, но нема доволно уверливи докази дека луѓето често мешаат глад со жед.“
Значи, оваа теорија е повеќе симпатична мисла отколку научно докажан факт.
Краен заклучок
Да – водата може да помогне во процесот на слабеење, но не како магично решение. Ефектите се скромни и краткотрајни ако не се комбинираат со здрава исхрана и физичка активност.
Како што заклучува д-р Шмерлинг: „Ако мислите дека пиењето вода пред јадење ви помага – продолжете. Нема многу ризик, сè додека не се обидувате да се натерате на пиење кога не сте жедни.“
Специјалистката за исхрана, д-р Монцe Прадос, додава и уште еден важен факт: Водата брзо се испразнува од желудникот и не го активира варењето на ист начин како храната, па чувството на ситост трае пократко отколку што многумина мислат.
Заклучок во 3 реченици:
Водата пред оброк може благо да го намали апетитот, но не гарантира губење килограми.
Не согорува значителна количина калории, ниту ја заменува потребата за храна.
Сепак, умерениот внес на вода е здрав и корисен – само не очекувајте чуда.