Наједноставно кажано – на кучето му треба обувки доколку површината по која ќе шета може да му нанесе штета на шепите.
Јастучињата на шепите од кучињата се приспособени за престој на отворено и можат да издржат многу. Сепак, кога времето нагло ќе се влоши, секој совесен сопственик на милениче има желба да го заштити своето куче, па затоа размислува за набавка на обувки. Ако планирате да го изведувате кучето на прошетка на екстремно ниски температури и се плашите дека мразот и снегот на улиците може да му предизвикаат промрзнатини, сосема е оправдано да му ставите чевлички. Некои раси на кучиња бараат повеќе грижа за нивните шепи во споредба со други, главно поради нивниот генетски состав.
Интересен факт за јастучињата на кучешките шепи
Јастучињата ги заштитуваат прстите и стапалата на кучињата од различни повреди. Тие обезбедуваат поддршка на зглобовите и мускулите преку апсорпција на ударите додека кучето се движи. Освен тоа, помагаат и за циркулацијата на крвта. Суштински, постои систем на размена на топлина, кој благодарение на овие јастучиња ги одржува шепите топли во текот на зимата, а во лето ги лади.
Дали кучињата треба да носат обувки?
Благодарение на неверојатните јастучиња на шепите, кучињата во домашни услови не мора да носат обувки, ниту при секојдневни прошетки на умерени температури. Но, кога станува збор за екстремни услови и многу груби терени, носењето обувки е сосема оправдано. На пример, чивавата не е прилагодена за трчање по снег и навистина ќе има корист од обувки при престој на отворено. Од друга страна, раси како сибирскиот хаски или акита можат подолго време да поминуваат на снег без никакви проблеми, дури и без обувки.
Што може да се случи ако кучињата не носат обувки кога им се потребни?
Без соодветна заштита, може да дојде до воспаление на шепите – состојба која се нарекува пододерматитис. Обично ја предизвикуваат габи или паразити, но некои кучиња може да ја развијат по трчање по снег, бетон или чакал. Црвените и надуени јастучиња се сигнал дека кучето има овој проблем. Ако забележите дека постојано си ги лиже шепите или губи влакна на тие места, тоа е уште еден знак за вознемиреност. Кучињата кои имаат повеќе влакна меѓу прстите имаат и поголем ризик да им се заглави сол која се фрла по улиците во зимски услови, што може да доведе до сериозни здравствени проблеми со шепите.
Како да изберете соодветни обувки за кучето?
Златното правило што треба да го следите е – обувките не треба да бидат ни премногу тесни, ни прекумерно лабави. Треба да им одговараат на потребите на кучето, што значи дека не треба да му ставате зимски чизми во лето, ниту обратно. Осигурајте се дека големината на обувките одговара со големината на кучето, и дека штом ќе ги обуе, може нормално да шета. Исто така, важно е да имате трпение. На почетокот ќе им биде потребна мала вежба за да се навикнат.