Бугарите го изгласаа францускиот предлог за тргање на ветото за Македонија – Петков порача тоа да се направи и во Скопје и по цена да падне Владата


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


После околу трииполчасовна дебата во собраниските клупи, Народното собрание на Бугарија со 170 гласа „за“, 37 „против“ и 21 „воздржан“, ја усвои декларацијата со која, како што се наведува во текстот, се утврдуваат условите под кои Република Бугарија може да ги поддржи следните чекори во процесот на европска интеграција на Република Македонија. За неа гласаа пратениците на ГЕРБ, Демократска Бугарија, ДПС и Продолжуваме со промените.

Бугарскиот премиер во заминување Кирил Петков во петокот го повика својот македонски колега Димитар Ковачевски да биде „храбар“ и да го прифати „компромисот“ предводен од Франција, кој би ја отворил вратата за Скопје да ги почне формалните преговори за членство во ЕУ.

Но Петков призна дека тоа може да ја урне владата на Ковачевски, исто како што самиот Петков се соочи – и загуби – со гласањето доверба во средата.

„На крајот на краиштата, знам дека тоа е многу тешко политички“, рече Петков во интервју за Политико во Брисел, токму кога бугарскиот парламент се очекуваше да гласа за укинување на долгогодишната блокада на пристапните преговори на Македонија.

„И знам дека ризикот од соборување на владата е – голем ризик“, продолжи тој.

„Како политичар човек треба да се одлучи, која е мојата цел на ова место? Дали мојата цел е да бидам стабилен? Или мојата цел е да ја водам нацијата – да направам чекор напред – дека не е удобно да се оди натаму. И мислам дека ова е одлуката што сега треба да ја донесе Димитар Ковачевски. Да бев на негово место, воопшто немаше да размислувам. Ако може да влезе во историјата со отворање на вратата за Северна Македонија во ЕУ, мислам дека тоа е добро… достигнување за еден премиер. Но потребна е храброст“.

Петков во средата го загуби гласањето за недоверба откако политичките ривали го искористија спорот со Македонија за да ја соборат неговата владина коалиција. Петков рече дека в понеделник ќе го потпише писмото за оставка и дека очекува Бугарија да одржи нови парламентарни избори.

Тој е во Брисел за да присуствува на самитот на Европскиот совет, каде што Бугарија е предмет на остри критики зашто ѝ ги попречува пристапните преговори на Македонија, не само од Ковачевски и од другите лидери од Западен Балкан, туку и од некои од највлијателните шефови на држави и влади на ЕУ, вели Политико.

„Дали е фер во однос на Северна Македонија? Ќе кажам многу искрено: не“, изјави францускиот претседател Емануел Макрон за новинарите на самитот на лидерите на ЕУ во четвртокот вечерта. „Ова е и причината зошто ние колективно извршивме голем притисок врз Бугарија овие последни месеци“.

Макрон го пофали Петков, за кој францускиот претседател рече дека „направил сè“, но дека Македонија е жртва на внатрешната политика на Бугарија.

„Тоа е резултат и на политичката криза во Бугарија“, рече Макрон.

Петков, во интервјуто утрово, рече дека компромисот што го предложила Франција треба да се гледа како „европски договор“, а не како договор само меѓу Бугарија и Македонија. Историски гледано, вели Политико, Бугарија предводеше во напорите да им се даде членство во ЕУ на државите од Западен Балкан, а Петков рече дека тоа и понатаму е така. Но тој исто така рече дека има сериозни прашања во врска со правата на етничките Бугари во Македонија и дека на тие граѓани им треба посилна заштита во уставот на земјата.

„Ова сега не е Бугарија наспроти Северна Македонија“, рече Петков. „Ако се донесе оваа одлука, треба европскиот договор да се најде на маса во Северна Македонија.“

Петков инсистираше дека ја покажал потребната политичка храброст за да се бори против вкоренетите интереси, да ја запре корупцијата и да се заложи за договор со Скопје.

„Ако нашата влада беше најстабилна во светот, воопшто немаше да ја водиме оваа дискусија“, рече тој. „Ако го затворевме едното око пред старите коруптивни практики и не бевме толку отворени против, на пример, користењето на гасот како оружје во блокот… сега ќе имавте не многу гласна, многу стабилна нација во ЕУ. Но она што ќе го пропуштевме е можноста страните да кажат: ‘Океј, добро, сакаме да се движиме побрзо’. Затоа, јас сум и повеќе од среќен што ја платив цената сега со ова гласање за недоверба. Затоа што само така се случува промената. Во спротивно, вие сте заглавени во… заглавени сте во бедата“.