Бугарија не потпиша за влез на Украина во НАТО


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Бугарскиот претседател Румен Радев одби да го потпише целосниот текст на декларацијата на деветте земји од Источна Европа.

Тој тоа го одбил поради членот во кој се дава поддршка на влезот на Украина во НАТО, соопшти кабинетот на бугарскиот претседател.

Документот од 2 октомври го потпишале претседателите на Романија, Чешка, Естонија, Летонија, Литванија, Словачка, Полска, Црна Гора и Македонија.

„Румен Радев не се согласува со целосниот текст на декларацијата, која ја усвоија некои земји од Источна Европа за членството на Украина во НАТО. Претседателот ги поддржува другите позиции во документот“, се наведува во соопштението.

Иако Бугарија ја потпиша декларацијата за идно членство на Украина на НАТО самитот во Букурешт во 2008 година, тоа тогаш се случуваше во сосема поинаква безбедносна ситуација.

Радев смета дека одлуката за членство на Украина во НАТО треба да се усвои дури откако Русија и Украина, како страни во конфликтот, ќе разработат, прифатат и реализираат јасни параметри за мирно решение.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски претходно изјави дека Украина поднесува барање за забрзано влегување во НАТО.

Постапката за прифаќање на Украина во НАТО е избрзана, изјави потоа советникот на американскиот претседател за национална безбедност Џејк Саливен. Генералниот секретар на воениот пакт Јенс Столтенберг, коментирајќи го барањето на Зеленски, истакна дека НАТО ќе продолжи да му помага на Киев да се одбрани.