Борис Џонсон нема повторно да се кандидира за премиер на Велика Британија


Традицијата вели: Аргентина ме демантира!? - 14 ден ↓↓↓



Бившиот премиер на Велика Британија, Борис Џонсон, се откажа од намерата повторно да се кандидира за лидер на Конзервативната партија и премиер, по сомневањата дека меѓу конзервативните пратеници има доволно поддршка за политичко враќање, јавуваат светските медиуми.

Додека дел од конзервативците сметаат дека Џонсон повторно би можел да и донесе победа на партијата на изборите, многумина предупредија дека неговото враќање би било катастрофа по серијата скандали за време на неговиот мандат, пишуваат светските медиуми.

Џонсон се повлече од трката за следен британски премиер во неделата, 23 октомври, откако неговата кампања пропадна, при што ривалите тврдат дека нема да ја добие поддршката од 100 конзервативни пратеници, што е неопходно за формална кандидатура, пишува „Фајненшл тајмс“.

И покрај избезумените обиди да собере поддршка, Џонсон објави дека се откажува од својата кандидатура да се врати на премиерската функција само неколку недели откако го напушти Даунинг стрит 10.

Со неговото пензионирање, поранешниот министер за финансии Риши Сунак е фаворит за наследник на Лиз Трас како лидер на конзервативците и премиер.

Џонсон во соопштението објавено во 21 часот рече дека собрал поддршка од повеќе од 100 пратеници од ториевците, но дека се повлекува поради партиски и национален интерес, на што, како што истакнува за британски весник, член на таборот на Сунак : „Тоа очигледно не е точно“.

Претходно истиот ден, Џонсон се бореше да ја добие јавната поддршка од значителен број пратеници. Според пресметката на „Фајненшл Тајмс“, поранешниот премиер јавно го поддржале 52 пратеници, а Сунак повеќе од 130.

Покрај Сунак, во трката останува и Пени Мордан, која ја поддржуваат помалку од 30 пратеници од конзервативците. Доколку до понеделник 24 октомври не го достигне прагот од 100 пратеници, Сунак ќе биде премиер, пренесуваат медиумите.

Според предлозите за избор на нов лидер, по гласањето на конзервативните пратеници, за изборот меѓу двајцата кандидати со најмногу гласови во парламентот би одлучувале членовите на Конзервативната партија. Џонсон рече дека би добил глас меѓу членството, но дека дошол до заклучок дека тоа нема да биде правилно. „Не можете ефективно да владеете ако немате обединета партија во парламентот“, рече тој во изјавата.

Најавата на Џонсон е значаен развој, посочува Би-би-си во анализа, додавајќи дека многу негови поддржувачи во текот на денот биле убедени дека тој ќе се кандидира.

Џонсон рече дека мисли оти може да добие членство и да биде во Даунинг стрит до крајот на неделата, но призна дека ќе има проблем да ја обедини Конзервативната партија зад себе.

Поранешниот премиер вели дека има поддршка од 102 пратеници, но тоа не може да се провери. Јавно, значително помалку од нив ја изразија својата поддршка, а можеби никогаш со сигурност не се знае колку пратеници ја поддржале неговата кандидатура, пишуваат британските медиуми.