„Бомбите“ од Боки 13 сепак ќе „пукнат“ – Обвинителството отвори случаи и назначи обвинител кој ќе го преземе истиот


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Првиот човек на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција Ислам Абази нема лично да го сослуша сведочењето на Бојан Јовановски, Боки 13, но веќе назначил обвинител кој ќе го преземе случајот.

За ова информираа од Обвинителството откога Јовановски, кој е на издржување на деветгодишна затворска казна за случајот „Рекет“, пред нешто повеќе од една недела, побара Абази да ги сослуша неговите сознанија и докази кои се однесуваат на „лица и настани поврзани со коруптивни, казниви дела и криминални дејствија во највисоките државни структури од сферата на политиката, правосудството, бизнис-елитата и други лица кои биле во заедничка корелација на сторување“, пренесува Слободен печат.

Јовановски го бараше Абази бидејќи, како што информираа неговите адвокати, имал доверба единствено во посочениот јавен обвинител. Но од Обвинителството објаснуваат дека тие си имаат свои процедури.

– Согласно член 25 од Законот за јавното обвинителство, основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, како и останатите јавни обвинители кои раководат со соодветните обвинителства, „ги претставуваат јавните обвинителства, раководат со нивната работа, ги вршат правата и обврските определени со закон и донесуваат годишен распоред за работа на почетокот на секоја календарска година“. Кривичното гонење и понатамошното постапување во предметите го извршуваат избраните или упатените јавните обвинители во ова јавно обвинителство. Согласно ова, Основниот јавен обвинител постапувајќи по дописот, оформи предмет кој веќе е распределен на постапување кај јавен обвинител кој е задолжен да го сослуша осуденото лице и врз основа на исказот и материјалните докази што осуденикот ги поседува да му реферира на основниот јавен обвинител и да донесе одлука за понатамошно постапување – известија од Обвинителството.

Оттаму додадоа дека ги охрабруваат сите кои имаат сознанија и поседуваат докази за сторени кривични дела, истите да ги пријават во обвинителствата согласно нивните надлежности.

Инаку, Јовановски, во барањето испратено преку неговите адвокати Владимир Туфегџиќ и Сашо Дуковски, кои воедно и ја информираа јавноста за овој чекор, најави дека „започнува исклучително сериозен и сензитивен процес“ затоа што при поднесувањето на кривичните пријави на записник ќе ги предаде сите докази во поткрепа на пријавите, а доказите кои ги поседува се во форма на снимени разговори, транскрипти, пораки, фотографски и видео записи, т.н. „бомби“, како што е и наведено и во самото барање до јавниот обвинител.

Адвокатите ја известија јавноста и дека благовремено, преку јавните гласила, ќе бидат споделувани информации за отпочнатиот процес и повикаа со внимание да го следи процесот.

– Тоа особено е важно поради статусот и положбата на подносителот Бојан Јовановски, за кој апелираме дека после започнување на овој процес ќе биде изложен на интензивирана тортура, притисоци и закани, па оттука повикуваме на разумност и поддршка од општата и стручната јавност – се додава во информацијата.

Во барањето упатено до јавниот обвинител, Јовановски, меѓу другото, се пожали и на неговиот третман од страна Основниот кривичен суд Скопје.

– Тоа особено е важно зашто во овој период сум директна жртва на незаконито, фалсификувано и антидатирано судско решение донесено од Основен кривичен суд Скопје, за кое имам основано сомневање дека е донесонео од криминогени побуди и намери на поединци. Воедно, молам за заштита од ваша страна во рамки на законот, дотолку повеќе што сум се соочувал и се соочувам со реални закани по мојот живот и истото го очекувам да биде интензивирано после ова истакнато барање до вас за поднесување на кривични пријави – се вели во писмото што Јовановски го испратил до Абази.

А откога Јовановски за ова испратил претставка и до Судскиот совет барајќи да се формира комисија за спроведување на вонреден надзор и контрола во врска со постапувањето на судот, до неговиот бранител Туфегџиќ пристигнала информација во која тој е известен дека веќе се постапува по неговите наводи.