Бистата од Славко Јаневски откорната од постаментот во Алеата на поетите во Струга


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Бистата на македонскиот пистал, поет и ликовен уметник Славко Јаневски е откорната и украдена од постаментот од алејата на поетите на кејот на истекот на реката Црн Дрим во Струга.

Како што информираат утрово од НУМ „Струшки вечери на поезијата“, дека бистата е исчезната било утврдено вчера при вообичаена проверка. Исто така било констатирано дека и бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин биле видливо разнишани во, како што велат од установата, очигледен обид да бидат откорнати од постаментите.

Директорот на „Струшки вечери на поезијата“, Тодорче Тасевски, го пријавил исчезнувањето, односно кражбата во полициската станица во Струга.

„Најостро го осудуваме вандалскиот чин на кражба на бистата на нашиот истакнат поет Славкко Јаневски како и обидот за кражба на бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин. Настанот е пријавен во полиција од која очекуваме да ги пронајде и да ги казни сторителите на овој вандалски чин. Бистите на поетите Ацо Шопов и Сергеј Есенин ќе бидат превентивно и привремено дислоцирани за да се извршат потребните технички зафати за нивно поцврсто фиксирање на постаментите за да се оневозможат ваквите вандалски чинови“, велат од НУМ „Струшки вечери на поезијата“.

Вандалите се обиделе да ги откорнат и бистите на Ацо Шопов и Сергеј Есенин од алејата на поетите во Струга/Фото: НУМ „Струшки вечери на поезијата“
Оттаму велат дека сличен вандалски чин бил регистриран на 1 октомври 2021 година кога од постаментот била откорната бистата на македонскиот поет Анте Поповски и фрлена во крајбрежјето. Таа подоцна била санирана, дополнително прицврстена и вратена на постаментот.

Од Националната установа апелираат дека ваквите вандалски чинови треба да се оневозможат во иднина со заеднички напори на НУМ „Струшки вечери на поезијата“, Општина Струга и Министерството за внатрешни работи, преку засилени мерки на обезбедување на локацијата и организирање кампањи за подигање на јавната свест за значењето и угледот на Струга како светска престолнина на поезијата.

„Апелираме сите добронамерни граѓани и почитувачи на поезијата да помогнат со информации во однос на сторителите и пронаоѓањето на бистата“, велат од СВП.