
Монохроматскиот стил можеби доминира на модните писти и во ентериерите, но кога станува збор за исхраната, монотонијата никако не е посакуван тренд! Вашите црева жеднеат за разновидност, а колку е вашиот тањир пошарен, толку и вашиот дигестивен систем ќе ви биде поблагодарен.
Современите истражувања за микроорганизмите што ги населуваат нашите црева само ја потврдуваат старата изрека: „Ти си тоа што јадеш.“ Рамнотежата на цревната флора зависи од различни фактори, вклучувајќи стрес, стил на живот, употреба на антибиотици и, што е клучно, секојдневната исхрана. Нашите црева се дом на милијарди микроорганизми – од бактерии и габички до вируси – кои играат пресудна улога во варењето и одржувањето на имунитетот. Кога исхраната станува еднолична, доаѓа до опаѓање на разновидноста на „пријателските“ микроби, што може да го зголеми ризикот од воспалителни состојби како синдром на иритабилно црево (IBS) или сериозни заболувања, како што се Кроновата болест и улцерозниот колитис.
Што е beige диета?
Beige диетата се базира на консумирање претежно преработени, скробни намирници со ниска нутритивна вредност, кои најчесто се во беж и светло-кафени нијанси:
- Бело печиво и леб
- Тестенини
- Компир
- Бeл ориз
- Кекси, колачи, крекери
- Брза храна (на пр. пилешки медалјони, помфрит)
Овие индустриски преработени намирници обично се полни со шеќери, рафинирани јаглехидрати и заситени масти, кои можат да го нарушат балансот на цревната флора, да предизвикаат воспалителни процеси и да ја нарушат нормалната функција на дигестивниот систем.
Освен тоа, едноличната исхрана од овој тип неизбежно води до недостаток на есенцијални витамини, минерали и антиоксиданси, што на долг рок може да го ослаби организмот.
Повеќе бои, повеќе придобивки за цревата
Заборавете на монотоните тањири! Колку повеќе бои внесувате преку исхраната, толку повеќе корисни фитохемикалии ќе му обезбедите на вашиот организам. На пример:
- Зелени лиснати зеленчуци (спанаќ, рукола) содржат хлорофил, кој помага во детоксикацијата.
- Црвен и портокалов зеленчук е богат со ликопен и бета-каротен, моќни антиоксиданси кои ги штитат клетките.
- Лилаво овошје (боровинки, капини) содржи антоцијанини, кои ги намалуваат воспалителните процеси во телото.
Со воведување на разновиден зеленчук и овошје во вашата исхрана, ги обезбедувате вашите црева со оптимални услови за здрава и балансирана микрофлора.
Пробиотици и влакна – сојузници на здравите црева
За дополнителна поддршка на варењето, збогатете го менито со ферментирани намирници кои се природни извори на пробиотици, како што се:
- Јогурт и кефир
- Кисела зелка и туршија
- Ферментирани сирења
Пробиотиците се живи култури микроорганизми кои стигнуваат до дебелото црево, каде што помагаат во зајакнувањето на имунитетот и подобрувањето на варењето.
Освен пробиотиците, неизоставни се и намирниците богати со влакна кои го подобруваат функционирањето на цревата и го продолжуваат чувството на ситост. Постојат две видови влакна:
- Растворливи влакна – ги има во овес, мешунки, јаболка и агруми. Помагаат во регулирањето на нивото на шеќер и холестерол во крвта.
- Нерастворливи влакна – присутни се во интегралните житарки, јаткасти плодови и зеленчук со кора. Поттикнуваат побрза работа на цревата и спречуваат запек.
Замената на beige диетата со разновидни, свежи и нутритивно богати оброци може да направи револуција за вашето здравје. Во мода се боите, како на пистата, така и во тањирот – нека вашиот оброк стане вистинско ремек-дело на виталност и енергија!