Артан Груби сменет од организациски секретар со Блерим Беџети – ДУИ избра нови партиски тела


Германија пред елиминација!? - 8 ден ↓↓↓



На денешниот Централен совет на ДУИ во Тетово интегративците избраа ново претседателство на партијата, што беше и еден од условите на т. н. Oгнена група која имаше забелешки на работењето и одлучувањето во партијата.

На седницата Артан Груби беше сменет од функцијата организациски секретар на партијата и на негово место е поставен Блерим Беџети, градоначалник на Сарај и дел од Oгнената група.

Од 120-те членови на Централниот совет се избрани 37 членови во Централното претседателство како и за седум други функции. Изборот на партиските функционери бил направен по предлог на Али Ахмети. Нови четворица потпретседатели на партијата се Бајрам Реџепи од Тетово, Изет Меџити од Чаир, Арбр Адеми од Куманово и Арбана Пашоли од Дебар. За генерален секретар е избран Фатон Амети.

Портпаролот на ДУИ Бујар Османи кажа дека листата со партиски функционери е инклузивна по однос на регионалната претставеност, генерациска и полова застапеност и дека таа едногласно беше поддржана од Централниот совет. Прашан зошто на состанокот не се разговарало и за отчетноста на членовите на партијата кои се во извршната власт, што исто така беше едно од барањата на Огнената група, Османи кажа дека тие постојано даваат отчет за нивната работа.

„Отчетноста е наша постојана задача. Ние отчетност даваме пред сѐ пред вас, пред јавноста и тоа го правиме најредовно. Но, се разбира, имаме должност да бидеме отчетни и кон органите на партијата коишто нѐ имаат предложено. Денеска се формира претседателството и очекувам до крајот на месецот да ја имаме и првата конститутивна средба. Се разбира, таму ако има интерес ќе ги претставиме уште еднаш“, кажа Османи.

Состанокот на Централното претседателство на партијата траеше невообичаено кратко за ваков вид средба, а Османи тоа го образложи со фактот дека тој бил долго време подготвуван и затоа работата била брзо завршена. На него немало поголема дебата, а при избор на членови на претседателството Талат Џафери побарал уште еден потпретседател за гостиварскиот огранок. Претседателот Ахмети тоа го ставил на гласање, но предлогот не добил поддршка, а Османи го оцени како неможно поради статутарни ограничувања. Од Огнената група немаше изјави дали се задоволни од одлуките кои беа донесени на Централното претседателство.