АРМАНИ ПРИВЕ: КОГА ФИЛМ-НОАР СТАНУВА ВИСОКА МОДА
Париз можеби оваа сезона беше без личното присуство на самиот моден маг, но духот на Ѓорџо Армани се чувствуваше насекаде – во секоја силуета, секој бод, секој сатенски отсјај што блескаше под светлата на модната писта.
Иако поради здравствени причини не можеше да присуствува, Армани од далечина го диригираше секој сегмент – од шминката до редоследот на модели – сè носеше негов препознатлив печат на совршена едноставност и безгрешна естетика.
На пистата поставена во историската палата Палацо Армани, времето изгледаше како да е запрено. И токму од таа состојба на неподвижност се појави новата колекција на Армани Приве – обвиткана во слоеви од кадифена темнина, како кадри од најубавите сцени на филмовите од 40-тите години. Без дрски бои, без дополнителни детали – црната сама раскажуваше сè: за моќта, мистеријата и дискретниот луксуз. Вистинско модно дело во духот на ноар филмовите – софистицирано, заводливо и магнетно.
Замислете сатен што се спушта по телото како чад од цигара. Фустани што се лизгаат по пистата, со фигури на хероини од златната ера на Холивуд – жени со став, тајна и неукротлива елеганција. Не беа само фатални – беа легендарни.
А потоа – целосен пресврт. На сцената стапува женскиот денди. Инспириран од иконите како Марлен Дитрих, Армани им оддаде почит на дамите што облекуваат костими не за да им се прилагодат на мажите, туку за да ги надминат. Смокинзи со длабоки деколтеа, кадифени панталони како создадени за јавање, сакоа што се носат директно на кожа, машни што лебдат како да имаат свој карактер – сето тоа ја прави оваа колекција тивка, но моќна бунтовност.
И токму кога се чинеше дека сè е во темно, појавија се детали во боја – цветни везови, пердуви во пастелни тонови на розево, сино и зелено, што блескаат како да долетале од друг свет. Кадифе како мастило, кристали што сјаат како ѕвезди, мантили со пеплум детали што го обликуваат движењето на колковите, и вечерни фустани облеани во ѕвездени светки што исцртуваат галаксии врз телото.
Крајот на дефилето беше сè освен тивок – моделите се насмевнуваа, аплаудираа, мистеријата се разбиваше, а човечката страна на високата мода излезе на виделина. Беше тоа славење – 20 години Армани Приве, 50 години од модната куќа Армани и скоро 91 година од животот на нејзиниот основач.
Иако физички отсутен, Армани испрати порака: „Сè го видов – пробите, редоследот, шминката – сè е направено под мое надгледување. Сè има моја потврда.“ Тоа беше повеќе изјава на сила отколку извинување.
И навистина, секој детал – од плишаните пижами до црните машни што изгледаа како печати околу вратот – зборуваше на ист јазик: совршена линија, аскетски сјај и онаа недофатлива radost od temninata, радоста од темното, што стана арманиски заштитен стил.
Оваа колекција не бараше внимание – таа го освојуваше. Не врескаше по модни наслови – беше тивка револуција, а од таа тишина се појави потсетник дека високата мода не бара спектакл. Доволно е едно име: Ѓорџо Армани – дури и кога е километри далеку.