Антон Јелизаров – Лотус е нов шеф на платеничката воена групација „Вагнер“


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Командантот Антон Јелизаров, познат по прекарот Лотус, е нов лидер на руската платеничка паравоена формација „Вагнер“, по загинувањето на претходниот водач и основач на таа група, Евгениј Пригожин.

Како што пренесува британски „Експрес“, новиот водач на „Вагнер“ учествувал во некои од најжестоките битки во војната во Украина и одиграл водечка улога во освојувањето на градот Соледар во источна Украина.

„Експрес“ наведува дека во рамките на групата „Вагнер“, Јелизаров е познат како „освојувачот на Соледар“, прекар што наводно му го дал Пригожин.

Британскиот весник наведува и дека тој бил близок со Пригожин, кој неодамна загина во авионска несреќа во близина на Москва.

Водачот на воената платеничка група „Вагнер“, Евгениј Пригожин, вчера беше погребан на приватна погребна церемонија на гробиштата во Санкт Петербург, објави неговата прес-служба.

Оттаму соопштија дека погребот бил од „затворен формат“, а дека сите оние кои сакаат да се збогуваат со него можат да го направат тоа на гробиштата „Пороховскоје“ во Санкт Петербург, неговиот роден град.

Шефот на „Вагнер“ загина во авионска несреќа во близина на Москва заедно со уште девет лица. Несреќата се случи на 23 август – два месеца откако Пригожин го предводеше бунтот на „Вагнер“ против руските вооружени сили – потег кој рускиот претседател Владимир Путин го опиша како „предавство“.

Рускиот истражен комитет во неделата потврди дека водачот на „Вагнер“ е меѓу лицата загинати во авионската несреќа, наведувајќи дека генетските испитувања покажале оти идентитетите на сите десет тела пронајдени на местото на несреќата соодветствуваат со оние на лицата наведени на списокот на патници во урнатиот авион.

Пригожин е официјално идентификуван како жртва во авионската несреќа во Русија
Кремљ демантираше дека е виновен за авионската несреќа, а рускиот претседател Путин во видеообраќање до јавноста, еден ден по несреќата, изрази сочувство до семејствата на загинатите, а шефот на „Вагнер“ го опиша како „талентиран бизнисмен“, но, и како „човек со тешка судбина кој правел големи грешки во животот“.