Анти-ројализмот ги разбранува духовите за слободата на говорот во Велика Британија


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Откако неколку лица беа уапсени поради јавно изразување критики за крунисувањето на Чарлс Трети на британскиот кралски трон и други анти-ројалистички ставови, британската полиција се соочи со критики од активисти и организации за граѓански слободи поради ваквиот однос, што го доведе во прашање правото на слобода на говор, пренесува Ал Џазира Балканс.

Една жена во Единбург која носела натпис против империјализмот и монархијата е обвинета за нарушување на јавниот ред и мир, додека друга жена во Лондон која држеше натпис „Не е мој крал“ е отстранета од портата на зградата на парламентот.

Во последните денови, полицијата уапси луѓе кои протестираа против монархијата, што предизвика контроверзии околу ставот на властите за слободата на говорот.

Еден човек е обвинет за нарушување на јавниот ред и мир откако го вознемирувал принцот Ендру додека погребната кола со телото на Елизабета Втора патувала низ главниот град на Шкотска.

Во Оксфорд бил уапсен активистот Сајмон Хил кој извикувал „Кој го избра?“, мислејќи на прогласувањето на Чарлс Трети за нов крал. Хил подоцна беше ослободен, но сепак може да се соочи со сослушување.

„Полицијата ја злоупотребува својата моќ за да уапси некој кој ќе изрази благо противење на недемократското назначување на шеф на државата“, рече тој.

Организацијата за граѓански слободи „Либерти“ вели дека е „длабоко загрижена што гледа како полицијата ги користи своите широки овластувања на таков груб и казнен начин за да ја потисне слободата на говор и изразување“.

Организацијата „Рипаблик“ која се залага за укинување на монархијата вели дека ќе се пожали на полицијата на најсилен можен начин и дека „ќе одржи протести на крунисувањето на кралот во наредните месеци“.

„Слободата на говорот е основа на секоја демократија“, вели портпаролот на организацијата Грахам Смит.

„Во време кога медиумите се преплавени со фалење на кралот поставен без дебата и согласност, тоа е уште поважно“, додаде тој.

Апсењата следуваат откако владата го усвои контроверзниот предлог-закон за ред и мир со кој ги заостри полициските овластувања за да ограничи немирни протести. Сепак, не е јасно дали било кое од апсењата е поврзано со новиот закон.

Извор: Радио МОФ