Афера „Мафија“ го тресе МВР: ВМРО-ДПМНЕ обвинува дека на балкански мафијашки шефови им биле доделувани македонски патни исправи со лажни идентитети


Кој ќе тепа на Ел Класико!? ↓↓↓


Опозициската ВМРО-ДПМНЕ поседува документи за тоа како најмалку две лица позанти од криминалното подземје во регионот добиле македонски исправи (пасош и лична карта) во полициската станица во Драчево.

Од партијата тврдат дека се работи за организирана шема на поединци од власта кои досега издале такви документи, со лажен идентитет, на најмалку 200 лица од подземјето во регионот, но имало и лица од држави на азискиот континент и од Јужна Америка. Деновиве сите овие документи ќе бидат предадени на Јавното обвинителство, брифираа денеска од партијата.

„Се работи за афера за силна поврзаност на највисоките структури на власта со највисоките структури на организираниот криминал на Балканот и пошироко. Практично може да се каже дека носителите на власта во државата, премиерот Зоран Заев и првоповиканиот за борба против криминалот Оливер Спасовски, на располагање ја ставиле целокупната државна апаратура на организираниот криминал и на балканските криминални структури кои важат за најсилни во Источна Европа. Аферата Мафија потврдува дека државата станала гнездо, дала закрила и соработувала со балканските наркобосови, барани поради организиран кримина, наркотици, убиства, насилства“, изјавија на денешниот брифинг претставници на партијата.

Според ВМРО-ДПМНЕ, водачот на озлогласениот Шкаљарски клан за трговија со дрога, Јован Вукотиќ, поседувал македонски пасош, со негова слика, но на име Ѓорги Андонов, издаден во полициската станица во Драчево.

Второто лице е водачот на турската мафија Седат Пекер, кој до неодамна бил во државата, се фотографирал со политичари од власта и откако бил протеран од државата повторно влегол и добил лична карта, исто така во полициската станица во Драчево.

Се работи за украдени или измислени идентитети. Од украдените идентитети, најчесто се користат лица од македонското национално малцинство од соседните држави. Ги крадат идентитетите од соседни држави и издаваат оригинални пасоши во редовна постапка, ги фотографираат и им земаат отисоци. На пример новиот идентитет на Вуковиќ, Ѓорги Андонов, бил земен од Македонец од Пиринска Македонија, а уште еден припадник од истиот клан добил идентитет од Македонец од Корча.

Со македонскиот пасош Вукотиќ лесно патувал во Турција, Србија, Шпанија, Грција, Украина, Полска… Инаку Вукотиќ деновиве е во Црна Гора и чека да почнат неколку судски процеси против него за убиство и други кривични дела.

За време на претрес во еден судски процес во Белград, Вукотиќ признава дека има македонски пасош, дека документот е регуларен, дека тој не го познава лицедо Ѓорги Андонов и дека пасошот е издаден на место каде што се издаваат патни исправи. И вештачењето покажало дека се работи за автентичен македонски пасош, но лажен идентитет.

Пекер, четири дена откако бил протеран од Македонија во Косово (поседува косовски документи) се вратил во Македонија, и на 21 јануари 2021 година во полициската станица Драчево добива лична карта на име Џадин Амедовски.

Медиумите во Турција Седат Пекер го опишуваат како водач на турска мафија, осуден за убиства, баран за рекет, принуда и потикнување убиство во Романија, и е дел од аферата за соборување на Ердоган.

„Овој скандал покажува дека постои организирана мрежа на изработка и издавање на патни исправи на високи мафијашки структури. Се работи за легални пасоши, одобрени изработени и издадени од МВР и полициски структури, но со украден идентитет од внимателно одбрани лица кои подолго време не користат пасоши, по што најголемите балкански мафијашки босови добиваат документи низ легална постапка – влегуваат во полициска станица, се сликаат, оставаат отисок и добиваат пасош. Оваа афера има сериозни импликации и од регионален карактер затоа што Владата на Заев и Спасовски овозможиле закрила, безбеден обрач на балканските мафијашки босови“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.