Адвокатката на Меланија Трамп е нова претседателка на Словенија


Уствари викендов е затишје пред бура! ↓↓↓


54-годишната Наташа Пирц Мусар, независна кандидатка, претставничка на лево-либералниот табор, победи во вториот круг од претседателските избори во Словенија. Според податоците на Државната изборна комисија во Љубљана, Пирц Мусар освоила 54 проценти гласови, пренесува Дојче Веле.

Поранешниот министер за надворешни работи Анже Логар, кој се сметаше за фаворит зашто имаше повеќе освоени гласови во првиот круг избори, мораше да се задоволи со 46 проценти од гласовите. Логар и` ја честиташе победата на својата ривалка, како што пренесоа локални телевизии. Логар важи за близок соработник на бившиот премиер Јанез Јанша.

Како адвокатка и поранешен ополномоштеник за слобода на информирањето, Пирц Мусар во повеќе наврати го критикуваше начинот на кој претходната влада на Јанша се однесуваше кон медиумите и беше посветена на демократијата и човековите права. Пирц Мусар претходно работеше како телевизиски водител.

Нејзина најистакната клиентка за време на адвокатската работа беше Меланија Трамп, сопруга на тогашниот претседател на САД, Доналд Трамп. Пирц Мусар ја бранеше Меланија Трамп од клеветите на словенечките таблоиди и од компаниите кои без согласност ги рекламираа своите производи со името и фотографии на сопругата на тогашниот американски претседател.

Шеф на државата во бившата југословенска република која стекна независност во 1991 година и која има околу два милиони жители, се избира на пет години и неговата улога е главно протоколарна. Овие претседателски избори беа седми во историјата на независна Словенија. Милан Кучан беше претседател во два петгодишни мандати, потоа со Словенија претседателствуваа Јанез Дрновшек и Данило Турк, па во два мандата Борут Пахор. Пахор, кого магазинот „Политико“ во 2017 година го нарече „Инстаграм претседател на Европа“, поради неговата активност на оваа платформа, не можеше повторно да се кандидира.