Добро изведената шминка со ефект на зачадени очи никогаш не излегува од мода. Впечатливиот поглед, меките премини меѓу сенките и дозата мистериозност ја прават класика на која ѝ се враќаме секоја празнична сезона. Но, по четириесеттата можеби повеќе не ни одговара интензитетот на шминката што сме ја носеле во дваесеттите. Кожата на капаците се менува, се појавуваат ситни линии, а текстурите што некогаш изгледале беспрекорно на фотографии сега може да делуваат пренагласено. Тоа не значи дека треба да се откажеме од омилената вечерна шминка. Напротив, со соодветни текстури, нијанси и техника на нанесување, зачадениот поглед по четириесеттата може да изгледа уште пософистицирано.

@amandagrelich_makeup
Празничен зачаден поглед по четириесеттата
Првиот чекор е да не ја сметате црната сенка за единствен избор. Таа останува класика, но темнокафеавите, графитните, сливовите, бронзените и маслинестозелените тонови можат да создадат подеднакво впечатлив, а сепак помек ефект. За празниците особено добро се вклопуваат чоколадните и бронзените нијанси. Тие ги истакнуваат очите, му даваат длабочина на погледот и лесно се комбинираат со кармини во неутрални тонови. За посмела вечерна варијанта, добар избор се темната боја на слива или пригушената бордо. Важно е бојата да се надградува постепено: наместо одеднаш да нанесете многу темна сенка, почнете со мала количина и додавајте таму каде што сакате поголема длабочина.
Кремасти текстури наместо суви, прашкасти сенки
При шминкањето на позрела кожа, текстурата на производите заслужува посебно внимание. Сувите и изразено прашкасти сенки можат да се насоберат во наборите на капаците и да ги истакнат ситните линии, особено ако кожата не е добро подготвена. Затоа, кремастите сенки, меките формули и ситно мелените пигменти се добар избор. Лесно се размачкуваат и надградуваат, па овозможуваат да се постигне длабочина без нанесување повеќе дебели слоеви.
За празнична шминка со зачаден ефект убаво изгледаат сенките со дискретен сатенски или металик сјај. Наместо светки по целиот капак, доволно е малку светкав пигмент на средината или во внатрешниот агол на окото. Така се добива празничен изглед без претерување.

Yves Saint Laurent Couture Mini Clutch

Кремаста сенка за очи Essence 03 Oyster
Како до меки премини меѓу нијансите?
Една од честите грешки кај зачадената шминка по четириесеттата е острата граница меѓу светлата и темната сенка. На позрела кожа таа може да направи шминката да изгледа потешка од посакуваното. Почнете со неутрална сенка блиска до тонот на кожата и нанесете ја преку капакот, до неговиот набор. Потоа постепено додавајте потемна нијанса покрај горните трепки и во надворешниот агол на окото. Со мека четкичка и кружни движења изедначувајте ги рабовите додека не добиете природен премин.
Потемната боја треба да остане главно покрај трепките и на надворешната третина од капакот. Така очите добиваат јасна дефиниција, без визуелно да изгледаат помали. Ако имате спуштени капаци, корисно е да ја размачкувате сенката гледајќи право во огледалото, со отворени очи. На тој начин ќе видите каде бојата навистина се забележува.
Ајлајнерот и маскарата го заокружуваат изгледот
Наместо остра црна линија, која може да делува строго, понежно изгледа ајлајнер во кафеава, графитна или црна нијанса со малку размачкани рабови. Нанесете го што поблиску до горните трепки, а потоа благо размачкајте го со мала четкичка. Така ќе ги истакнете очите без премногу остри контури. Не треба целосно да се занемари ни долната линија на трепките, но не треба ниту премногу да се затемни. Малку од истата сенка што сте ја нанеле на горниот капак е доволно за да ја поврзе целината. Маскарата е последниот чекор што го отвора погледот. Нагласокот нека биде на подигнати и добро дефинирани трепки, а за дополнителен празничен ефект можете да додадете неколку поединечни вештачки трепки во надворешниот агол на окото.

Маскара Maybelline New York Lash Sensational

Ајлајнер Rimmel Wonderink 001
Остатокот од шминката нека биде ненаметлив
Кога очите се во прв план, нема потреба и остатокот од лицето да привлекува исто толку внимание. Изберете лесна подлога што го изедначува тенот, кремасто руменило и дискретен осветлувач.
Извор: Lepota i Zdravlje