
Хејли Стајнфелд и официјално се враќа во филмскиот универзум на Марвел како Кејт Бишоп во „Одмаздници: Судниот ден“.
Актерката, која има 29 години, ја потврди веста во неделата, на 22 ноември, преку видео објавено на официјалниот инстаграм-профил на „Марвел студиос“.
„Гледајте ја Хејли Стајнфелд во ’Хексед‘ на Дизни пред нејзиното враќање во ’Одмаздници: Судниот ден‘“, стои во описот на објавата.
Во видеото, Стајнфелд вели: „Еј, тука сум со мојот филм ’Хексед‘, но изгледа дека ми доставиле столче од друг филм?“
Потоа ја насочува камерата надолу и покажува актерско столче со нејзиното име, украсено со зелена панделка. Марвел ги користи ваквите столчиња за официјално да ги објави актерите што ќе се вратат во „Судниот ден“, почнувајќи од повеќечасовниот пренос во живо во март 2025 година.

Стајнфелд првпат се појави како Кејт Бишоп во серијата „Хокај“ од 2021 година. Во неа таа ги здружува силите со Клинт Бартон, кого го игра Џереми Ренер, и на крајот ја презема неговата улога на Хокај. Во 2023 година имаше и кратко појавување во филмот „Марвелс“.
Засега не е потврдено дали Ренер ќе се појави во „Судниот ден“, но веќе е потврдено учеството на уште една актерка од „Хокај“ — Флоренс Пју.
Извор: Just Jared