Студените тонови имаат посебен начин на одбивање на светлината. Дури и малку сребрен сјај на очните капаци може да му даде на лицето посвеж, посовремен и благо футуристички изглед. Затоа не е изненадување што ледените сенки за очи повторно се актуелни. Изборот се движи од речиси проѕирни нијанси, кои оставаат впечаток на тенок слој светлина врз капаците, до впечатливи металик тонови што го носат целиот вечерен изглед.
Дел од нивната привлечност е и во текстурата. Наместо тешки сенки со силна пигментација, предност добиваат светкавите завршници што ја одбиваат светлината. Притоа, овој тренд не е наменет само за вечерни излегувања. Со соодветна нијанса и малку поинакво нанесување, ледените сенки можат да бидат ненаметливи преку ден, а доволно впечатливи за навечер.



Зошто повторно се враќаме на ледените сенки?
Нивното враќање е дел од поширока промена во шминкањето. По подолгата доминација на топлите бронзени, бакарни и земјени тонови, повторно привлекуваат студените бои и поизразените текстури. Своја улога има и носталгијата по естетиката од деведесеттите и почетокот на двеилјадитите, кога светлосините капаци, сребрените пигменти и бисерниот сјај беа речиси неизоставен дел од вечерната шминка. Сепак, денешното толкување не е буквално повторување на тогашниот изглед. Наместо непроѕирен, кредест слој светкава сенка, целта е капаците да изгледаат осветлени, како врз нив да останал леден отсјај.
Овој тренд се вклопува и во сè поголемата желба за шминка што е истовремено разиграна и софистицирана. Сенката во студен тон може да биде единствениот впечатлив детаљ на лицето или да се вклопи во посмел изглед, налик на оние од модните писти. Леденосината е меѓу нијансите што особено го привлекоа вниманието во текот на 2026 година, а покрај неа се враќаат и сребрената, бисерната и бојата на лаванда.
Како да ги нанесете ледените сенки?
Најлесно ќе го испробате трендот ако одберете една нијанса и ја нанесете врз целиот подвижен дел од очниот капак. Претходно ставете тенок слој подлога за сенки, за пигментот да се распореди рамномерно и подолго да остане на место. Светлосината или лилавата сенка нанесете ја со рамна четкичка или со прст, а потоа омекнете ги рабовите со чиста, мека четкичка. За понагласен ефект, со тапкање додајте малку светкав пигмент на средината од капакот.
Со сребрените и белите сенки не треба да се претерува со количината. Нивниот ефект произлегува од одбивањето на светлината, па честопати е доволен само тенок слој. За поизразен металик изглед одберете кремаста или течна формула, додека сенките во прав се добар избор за понежен, подискретен сјај. Еден професионален трик е студениот металик пигмент да го нанесете врз неутрална, сивокафена или светлокафена основа. Така изгледот добива длабочина и димензија, наместо да остане рамномерен светкав слој.
Извор: Lepota i Zdravlje