„Дизни“ работи на петти филм од серијалот „Халовинтаун“, 28 години по премиерата на оригиналот. Според повеќе медиуми кои ја објавија веста во четвртокот, 22 октомври, проектот е во рана фаза на развој. Доколку добие зелено светло, ќе се емитува на „Дизни канал“ и ќе биде достапен на „Дизни+“.
Кимберли Џ. Браун, која ја играше Марни Пајпер, и претходно изрази желба да се врати во серијалот.
„Јас сум отворена за сè. Обожавателите секој ден ме прашуваат дали ќе има уште еден филм“, изјави Браун за „Ас викли“ во септември 2024 година. „Целата актерска екипа е расположена за тоа, сега сè зависи од ’Дизни‘.“
Нејзиниот лик Марни Пајпер е тинејџерка која открива дека потекнува од семејство моќни вештерки од необичното гратче Халовинтаун. Серијалот на „Дизни канал“ почна во 1998 година, а во него играа и Џудит Хоуг, Џои Цимерман, Емили Роски и покојната Деби Рејнолдс. Рејнолдс почина во декември 2016 година, набргу по смртта на нејзината ќерка Кери Фишер.
Браун сподели и неколку идеи за тоа како би можела да продолжи приказната и каде го замислува својот лик по две децении.
„Мислам дека Марни би можела да се кандидира за градоначалничка или веќе да биде градоначалничка на Халовинтаун“, рече таа. „Секогаш имаше толку напредни идеи за Ноќта на вештерките и за сè друго. Ја замислувам на некаква таква функција, како и натаму се обидува да внесе нови идеи.“
И Филип ван Дајк, кој го играше гоблинот Лук во првите два филма, покажа интерес за враќање кога „Е! њуз“ во ноември 2020 година го праша дали би учествувал во нова верзија на приказната.
„Знаете што, мислам дека би можеле да ме убедат“, изјави тогаш. „Ако се врати остатокот од екипата и сака да го направи тоа, би се согласил. Всушност, еве јавно кажувам дека би прифатил.“
Првиот „Халовинтаун“ беше голем успех за „Дизни“, а серијалот и денес има свое место во популарната култура и за многумина е неизоставен дел од филмската програма за Ноќта на вештерките.
„Кога го снимавме првиот ’Халовинтаун‘, мислевме дека ќе направиме само еден филм. Но, обожавателите и публиката толку го засакаа и го прифатија низ годините, што добивме можност да снимаме уште“, изјави Браун за „Ас викли“ во 2024 година. „Навистина ни е огромна чест што и по сите овие години луѓето сè уште ми приоѓаат на улица и што филмовите станаа дел од нивните традиции за Ноќта на вештерките.“
Извор: US Weekly