Кафеавата боја оваа есен зазема важно место и во модните колекции и во секојдневното облекување. Од капути и кожени јакни до чанти, панталони и аксесоари, нејзините различни нијанси внесуваат топлина во гардеробата и лесно се поврзуваат со другите сезонски фаворити. Карамела, коњак и темно чоколадо се издвојуваат како особено практични тонови, а нивната популарност остава простор и за малку поинаков избор на обувки.
Кафеавите патики се модел што вреди да се додаде на листата на есенски фаворити. Тие се интересна алтернатива на белите и црните патики, а воедно се доволно неутрални за да се вклопат во различни стилови. Без разлика дали ги носиме со омилените фармерки, елегантни панталони или миди здолниште, лесно внесуваат доза лежерност во секојдневните комбинации, без компромис кога станува збор за стилот.


Зошто кафеавите патики се одличен избор за есен?
Една од нивните најголеми предности е разновидноста. Од светли карамел нијанси до темно чоколадо, оваа боја лесно се комбинира со различните тонови што доминираат во есенската гардероба. Особено добро изгледа со беж, крем, маслинесто зелена, бордо и тегет, но и со класичен тексас.
За разлика од белите патики, кои често создаваат поизразен контраст во комбинација со потемни парчиња, кафеавите модели делуваат помеко и визуелно ги поврзуваат различните бои. Во исто време, нудат интересна алтернатива на црните обувки, особено кога сакаме секојдневниот изглед да биде малку поопуштен, но и натаму осмислен. Важен е и изборот на материјал. Моделите од превртена кожа, со текстурирана површина, особено убаво се вклопуваат во есенскиот амбиент. Кожните варијанти, пак, се практичен избор за оние што сакаат поедноставни силуети и лесно одржување.

Како ги носиме кафеавите патики со омилените есенски парчиња?
Кафеавите патики одлично функционираат во комбинација со фармерки. Моделите со прави ногавици, slim крој или малку поширока силуета оставаат доволно простор за различни пропорции, додека едноставна маица, памучна кошула или џемпер го заокружуваат секојдневниот изглед. За послоевит стајлинг, одозгора можеме да додадеме беж мантил или волнен капут во чоколадна нијанса.
За поелегантна варијанта, кафеавите патики ги комбинираме со панталони со прав крој, тенок џемпер и сако. Ваквиот спој е добар избор за денови кога сакаме деловната гардероба да биде поудобна, без откажување од уреден и софистициран изглед. Особено впечатливо делуваат моделите во потемни кафеави тонови, кои лесно се поврзуваат со панталони во сива, крем или тегет боја. И љубителките на здолништа и фустани можат лесно да го вклучат овој модел во секојдневните комбинации. Миди здолниште од сатен, плетен фустан или тексас модел добиваат поопуштена нота кога ќе ги споиме со патики. Додаток во слична нијанса, како ремен, чанта или јакна, може да ја поврзе целата комбинација и да ја направи визуелно поусогласена.
Кои нијанси и модели заслужуваат внимание?
Кога избираме кафеави патики, вреди да се обрне внимание на нијансата, формата и деталите. Светлокафеавите и камел моделите се одлични за комбинации со крем и беж гардероба, додека темнокафеавите патики нудат поголем контраст и особено добро изгледаат со темен тексас, црни панталони и бордо детали. Ретро моделите инспирирани од спортската обувка од минатите децении и понатаму се интересен избор за секојдневно носење. Нивните потенки силуети, комбинациите од различни материјали и дискретните контрасти ги прават доволно впечатливи, а истовремено лесни за стилизирање. Од друга страна, патиките со подебел ѓон им одговараат на оние што преферираат поизразена спортска естетика и малку поцврст изглед. За максимална практичност, предност им даваме на моделите со едноставен дизајн, без премногу контрастни детали. Таквите патики лесно се приспособуваат на различни пригоди и не бараат многу размислување при составување на комбинацијата.



Извор: Lepota i Zdravlje