Додека во Крипто.ком Арената во Лос Анџелес се доделуваа најпрестижните музички награди, вистинската магија се случуваше неколку чекори подалеку – на црвениот тепих.
Шеесет и осмото издание на Греми наградите уште еднаш потврди дека оваа манифестација одамна не е само музички спектакл – туку глобален моден момент кој диктира трендови, полни социјални мрежи и поставува нови правила на игра.
Најголемите ѕвезди на светската музичка сцена се појавија во изданија што суптилно го балансираа светот на висока мода, театралниот гламур и смелиот личен израз. Металик сјајот, диско енергијата, суптилните омажи на лудите дваесетти, како и остри панк моменти, се споија во визуелен спектакл кој беше луксузен, ексцентричен и бескрајно фотогеничен.
На листата музички победници се најдоа имиња како Оливија Дин, Бед Бани, Били Ајлиш и Лејди Гага, но модни победници на вечерта беа сите оние кои го искористија црвениот тепих како лична сцена за стилски израз. Секоја комбинација имаше своја приказна, порака и ясно дефинирана естетика – од кутур гламур до внимателно осмислена авангарда.
Зара Ларсон заблеска во златна цветна креација на модната куќа Жерманје, додека Оливија Дин се претстави во безвременска елеганција со софистицирана тоалета од Шанел. Сабрина Карпентер одбра рачно изработено ремек-дело од чипка од Валентино, додека Џастин и Хејли Бибер уште еднаш докажаа дека се модна двојка која перфектно балансира меѓу луксузот и лежерноста – Баленсијага за него, Алаја за неа.
Лејди Гага, верна на нејзината театрална естетика, се појави во фустан од пердуви на модната куќа Матијер Фекал, бришејќи ги границите меѓу мода и перформанс. Тајла импресионираше со винтиџ креација од ДиСквeрд2 од есен-зима колекцијата 2013, додека Мајли Сајрус избра безбедна, но моќна комбинација во целосен стајлинг од Селин.
Баленсијага доминираше и преку Тејт Мекреј, Ходакава стоеше зад уште едно впечатливо, рачно изработено издание за Били Ајлиш, а Ендру Квон, Етро, Вали и Валентино ја заокружија листата на куќи кои ја одбележаа вечерта. Особено внимание привлекоа и Роуз од групата Блекпинк, Келси Балерини, Медисон Бир, како и Сомбр во блескаво Валентино одело кое беспрекорно го фати духот на вечерта.
Греми 2026 уште еднаш покажа дека модата и музиката одат рака под рака – храбро, гласно и без компромис. Црвениот тепих оваа година не беше само вовед во доделувањето на наградите, туку вистинска модна писта каде се создаваа нови правила на гламурот за генерација која ги сака автентичноста, луксузот и доза драма.
Најубавите модни изданија погледнете ги во галеријата со фотографии.