Рим денеска дишеше побавно. Градот на вечната убавина го собра светот на модата, филмот и уметноста за да се прости од Валентино Гаравани – човекот кој елеганцијата ја претвори во универзален јазик.
Во црквата Санта Марија дели Анџели, под сводовите што помнат векови, беше одржана погребната церемонија на еден од највлијателните модни креатори што модниот свет некогаш ги имал.
Уште од раните утрински часови, пред храмот се собраа неколку стотици граѓани – почитувачи, модни ентузијасти и оние кои едноставно сакаа да бидат дел од овој историски момент. Внатре во црквата, околу 750 гости од највисоките кругови на модната и уметничката сцена го зазедоа своето место во атмосфера исполнета со достоинствена тишина.
Меѓу белите рози внимателно наредени околу ковчегот, дискретно се издвојуваа некои од најпознатите имиња на современата култура: Донатела Версаче, Ана Винтур, Ен Хатавеј, Лиз Харли, Франсоа-Анри Пино и Том Форд. Без потреба од гламурозни гестови, нивното присуство зборуваше доволно – Валентино беше повеќе од дизајнер, тој беше институција.
Еден од емотивно најтешките моменти на церемонијата беше говорот на Џанкарло Џамети, долгогодишниот деловен партнер и некогашен животен сопатник на Валентино Гаравани. Неговите зборови, кратки но силни, ја опфатија заедничката патека што траеше повеќе од шест децении – креативна, деловна и лична – патека што ја изгради една од најголемите модни импери од 20 век.
По церемонијата, Валентино Гаравани ќе биде погребан на римските гробишта Прима Порта, во гробница која ги отсликува токму вредностите што тој ги посакуваше: мир, едноставност и суптилна естетика. Просторот со кружна форма, витражи и зимзелени растенија создава амбиент на тивко достоинство – далеку од раскошот, а блиску до суштината.
Во деновите пред погребот, седиштето на Фондацијата Валентино во Рим се претвори во место на колективно сеќавање. За време на јавниот проштален поздрав, модни инсајдери, соработници, пријатели, но и обични граѓани минуваа покрај светлиот дрвен ковчег за да му оддадат почит на човекот кој почина на 19 јануари, на 93-годишна возраст.
Последниот император на модата
Со име како Валентино Клементе Лудовико Гаравани, како да му била судбината однапред запишана. Роден во 1932 година во скромната Вогера, на северот на Италија, Валентино многу рано сфатил дека неговите соништа ги надминуваат границите на местото каде што пораснал. На само 17 години заминува за Париз, каде го усовршува занаетот во престижни модни училишта, за веќе кон крајот на педесеттите да се врати во Рим и отвори атеље на Виа Конводи.
Со официјалното основање на модната куќа Валентино во 1960 година, заедно со Џамети, започна една нова епоха. Нивното партнерство – страствено, бурно, но визионерско – изгради царство од висока мода, луксузни резиденции и живот без компромис. Нивната динамика, полна со судири но и длабока поврзаност, е забележана во документарецот „Валентино: Последниот император“ од 2008 година, кој и денеска се смета за задолжително четиво за секој моден ентузијаст.
Кога Валентино се повлече истата таа година, го направи тоа во голем стил – проштална ревија во Париз, со легендарни имиња како Клаудија Шифер, Наоми Кембел и Шалом Харлоу. Зад себе остави индустрија на која ѝ покажа дека луксузот не е минлив тренд, туку став, дисциплина и верност кон сопствената визија.
Во време на брзи трендови и кратко паметење, Валентино Гаравани остави трајна лекција: вистинската елеганција не вика, не старее и никогаш не излегува од мода.
И да – светот денес навистина изгледа малку помалку елегантен.