Home Вебкафе Две години без Шинед О’Конор: Гласот што не можеше да молчи

Две години без Шинед О’Конор: Гласот што не можеше да молчи

ДВЕ ГОДИНИ БЕЗ ШИНЕЈД О’КОНОР: ГЛАСОТ ШТО НЕ МОЖЕШЕ ДА МОЛЧИ

Од трауматично детство до светска слава со песната Nothing Compares 2 U, и до легендарната сцена кога ја искина фотографијата од Папата пред милионска публика – животот на Шинејд О’Конор беше и личен и политички манифест, суров и непокорлив до самиот крај.

Веста за нејзината смрт во јули 2023 година го потресе светот на музиката како гром од ведро небо. Ирката со уникатен глас и автентичност која не се повторува, на 56-годишна возраст ја напушти сцената на која никогаш не сакала да игра според правила. Две години подоцна, таа останува како симбол на борба, вистина и уметничка непопустливост.

ДЕТСТВО ШТО БОЛИ

Родена во Даблин во 1966 година, порасна во дом исполнет со насилство. Мајка ѝ ја злоставувала – емоционално, физички, систематски. Еден од најстрашните моменти: на осумгодишна возраст, спиела денови надвор, во градина, бидејќи не ѝ било дозволено да влезе дома. Научила да повторува: „Ништо не ми е.“ Беше девојче на кое брутално ѝ го одзеле чувството на вредност. Музиката ѝ беше спас.

На 13 години заврши во установа за деца со проблематично поведение, далеку од мајка ѝ. Таму, на 15 години, една часна сестра ја научи да свири гитара. Нејзиното прво демо многу брзо стигна до издавачка куќа – и се раѓа уметницата која ќе ги смени правилата.

УСПОН ШТО ГО ПОТРЕСЕ СВЕТОТ

Песната Nothing Compares 2 U, напишана од Принс, во 1990 година ја лансираше на самиот врв. Сурови емоции, избричена глава, поглед полн тага и отпор – Шинејд го отфрлаше холивудскиот гламур и шармот. Таа стана лице на вистината, ранливоста и силата на жената што не прифаќа компромиси.

„Не пеам за да се допаднам. Пеам за да ја кажам својата вистина“, рече. И токму тоа го правеше – без цензура.

СКАНДАЛОТ ШТО СМЕНИ СÈ

Во октомври 1992 година, за време на настап во популарното шоу Saturday Night Live, пред милиони гледачи, ја искина фотографијата од Папата Јован Павле II. И прати силна порака против сексуалното злоставување на деца во Католичката црква.

„Борете се против вистинскиот непријател!“, извика.

Следеше шок, осуда и јавен линч. Медиумите ја разапнаа, колеги ѝ свртеа грб, а кариерата во САД ѝ беше речиси уништена. Но, таа не се повлече. „Бев дете што ја кажуваше вистината. И светот ме мразеше поради тоа.“

Години подоцна, Католичката црква ги призна скандалите. Се покажа – таа беше во право. И беше пред времето во кое живееше.

ЉУБОВИ, БОЛКА И БОРБА СО ДУШАТА

Имаше четири деца со различни партнери. Љубовниот живот ѝ беше хаотичен, но мајчинството – свето. Губењето на синот Шејн во 2022 година, кој се самоуби на 17 години, ја скрши засекогаш.

Психичките болки не ѝ беа туѓи – и дијагнозата биполарно пореметување, и хоспитализации, и обиди за самоубиство. Зборуваше за сето тоа отворено, без глума. „Кога викам, тоа не е хистерија. Тоа е траума која никој не сакаше да ја слушне.“

НОВО ИМЕ, СТАР ПЛАМЕН

Во 2018 година премина во ислам и го зеде името Шухада Садакат. Продолжи да создава музика, да дава интервјуа, да протестира. До последниот здив остана верна на себе. Кога почина, светот што некогаш ја отфрлуваше, ја испрати со солзи и признание. И конечно го прифати она што со години го игнорираше – дека беше храбра, искрена, гласна. И дека имаше право.

„Не сакав слава. Сакав да бидам глас на оние кои никој не ги слуша.“

Шинејд О’Конор денес е симбол на отпорот, женската сила и бескомпромисната искреност – и затоа останува незаборавна.

Вчитај повеќе поврзани статии
Load More In Вебкафе
Comments are closed.

Check Also

Како да бидеш самоуверена жена во секоја прилика

Многу е полесно отколку што мислите! Секогаш кога самоуверена жена ќе влезе во просторија,…