Печи сонце, зуи климата, а фрижидерот? Преполн со летни фаворити: диња и лубеница.
Две вистински кралици на сезоната што го освојуваат и непцето и Instagram фидовите. Студени, слатки, освежителни – и нискокалорични. Но, ако мора да се одбере – која победува во оваа витаминска пресметка?
ДИЊА – ЗЛАТНА ЕКСПЛОЗИЈА НА ВКУСОВИ
Ова медено овошје не е само летен класик – туку вистинска beauty & health бомба во парчиња:
Калиум – го одржува балансот на електролити, особено важен кога летно се потиме и со душата
Витамин Ц – поддршка за имунитетот и заштита на кожата од УВ-стрес
Бета-каротен – ја прави кожата сјајна, а срцето здраво
Аденозин – природен заштитник на крвните садови
Витамин Б6 – за подобра концентрација, расположение и помалку стрес
Влакна – повеќе од лубеницата = чувство на ситост што трае
Дињата е како медено сонце во чинија – мирисна, кадифена и неодолива.
ЛУБЕНИЦА – КРАЛИЦА НА ЛЕТНАТА ХИДРАЦИЈА
Кога ќе помислиш на лето, прва асоцијација? Лубеницата, секако! Таа црвена бомба од освежување има повеќе од 90% вода – совршен избор против летната жед.
Ликопен – антиоксиданс суперхерој, го штити срцето и го намалува ризикот од рак
Витамини Ц и А – штитат кожа, имунитет и свеж изглед
Цитрулин – во белиот дел од кората, помага за циркулација и здравје на крвните садови
Ултра-хидратација – идеална по тренинг, на плажа или кога жештината го топи и умот
Лубеницата е летен „чил“ во форма на овошје. Лесна, освежителна, вистинска природна спа вода!
СОЧНА ПРЕСМЕТКА ДО ПОСЛЕДНОТО КОЦКЕ – КОЈА ПОБЕДУВА?
Нутриционистите ѝ даваат мала предност на дињата – еве ги бројките што откриваат зошто:
На 100g
🍈 Диња | 🍉 Лубеница
Калории: 34 | 30
Вода: 90,15 g | 91,45 g
Шеќери: 7,86 g | 6,2 g
Влакна: 0,9 g | 0,4 g
Калциум: 9 mg | 7 mg
Калиум: 267 mg | 112 mg
Витамин Ц: 36,7 mg | 8,1 mg
Фолна киселина: 21 mg | 3 mg
ФИНАЛНА ПРЕСУДА?
Дињата води кога се во прашање витамините, минералите и влакната, а лубеницата блеснува во хидратацијата и леснотијата. Најдобар совет? Не избирај – уживај во двете!
Измешај ги во овошна салата, смути, замрзи ги како сладолед или грицкај ги директно од фрижидер.
Затоа што… летото е прекратко да се откажеш од совршенството!