Летото. Море, сонце, смеа до доцна навечер, солена коса и топол песок под стапалата – не е ни чудо што ова годишно време така нè радува!
Но зад тоа летно, безгрижно расположение се крие и една силна научна вистина: летото навистина го менува мозокот, телото и душата – и тоа на подобро.
Сонцето како природен антидепресив
Нема поубаво будење од тоа кога сончевите зраци ќе проврзат низ ролетните. И тоа не е случајно! Науката вели дека сончевата светлина ја поттикнува продукцијата на серотонин – хормонот на среќата, а истовремено го регулира мелатононот – хормонот задолжен за спиење. Оваа комбинација го подобрува фокусот, го регулира сонот и, секако, го крева расположението.
Витаминот Д – „витамин на сонцето“ за психичка рамнотежа
Летото не ни носи само златеста боја на кожата, туку и вреден витамин Д, кој директно влијае врз балансот на хормоните и нормалното функционирање на мозокот. Покрај тоа што го подобрува помнењето и концентрацијата, витаминот Д има клучна улога и во психичката стабилност.
Моќта на водата
Постои причина зошто сите копнееме по плажа – близината на вода ја намалува напнатоста и носи чувство на мир. Истражувања спроведени во Обединетото Кралство покажуваат дека луѓето се најсреќни токму кога се наоѓаат во „сини зони“ – крај море, река или езеро. Затоа и не е чудо што сурферите изгледаат толку лесно и опуштено – тие буквално лебдат во нивната терапија.
Враќање во природата
Летото нè тера да излеземе надвор – без разлика дали сме во шума, на плажа или во градски парк. Престојот на отворено, опкружени со зеленило, докажано ја намалува анксиозноста и го подобрува расположението. А таа поврзаност со природата не мора да запре кога ќе помине август – зачувајте ја таа навика и во есенските месеци.
Дружењето е еднакво на здравје
Летото е сезона на спонтани дружби, скара викенди, вечерни прошетки и долги кафе-разговори со пријатели. Социјалните врски се едни од главните фактори за долг и среќен живот – демонстрирано и во најобемните истражувања за среќата. Квалитетен однос со луѓето околу нас има поголем позитивен ефект врз здравјето отколку кој било додаток во исхраната.
Но не за сите летото е „најубавото доба од годината“
Важно е да се разбере дека не секому му прија летото. Високите температури, очекувањата на друштвото и идеализираната слика на социјалните мрежи можат да создадат притисок, анксиозност или чувство на осаменост. Затоа – не заборавајте на емпатијата. Некој можеби повеќе ќе ужива во тивка просторија со вклучена клима и добра книга отколку на гласна забава под палми – и тоа е сосема во ред.
Летниот „зен“ не е мит, туку природен одговор на телото на светлината, поврзаноста и одморот
Затоа искористете го летото паметно – сончајте се (во умерени количини), сакајте, смејте се и грижете се за себеси. Нека вашите летни денови не бидат само убави – туку и лековити.