Мајката на убиецот на Абе била член на секта на која убиецот сакал да ѝ се одмазди со убиството на политичарот


Шанса да станеш YouTuber! Приклучи се! ↓↓↓


Мајката на лицето кое го застрела поранешниот јапонски премиер Шинзо Абе е член на Унификационата црква, позната и како Мунова секта, потврди денеска организацијата, за која обвинетиот рече дека сака да ѝ се одмазди.

Тесуја Јамагами (41) сакал да ѝ се одмазди на една организација и решил да го убие Абе затоа што мислел дека поранешниот премиер има врска со неа, соопшти во петокот јапонската полиција.

Јапонските медиуми објавија за верската организација без да ја именуваат и потврдија дека осомничениот Јамагами сакал да ѝ се одмазди затоа што наводно добила големи подароци од неговата мајка, што го довело нивното семејство во големи финансиски тешкотии.

„Мајката на осомничениот Тесуја Јамагами е член на нашата организација и учествува на црковни настани отприлика еднаш месечно“, изјави денеска Томихиро Танака, претседателот на јапонскиот разгранок на Унификационата црква, на итно организирана прес-конференција во Токио.

Тој не наведе какви подароци ѝ давала мајката на осомничениот на црквата, наведувајќи дека истрагата на полицијата е во тек и дека организацијата сака да соработува со полицијата.

Тој истакна дека неговата организација е згрозена од убиството на Абе, кој никогаш не бил нивен член ниту советник.

Жената ѝ се приклучила на црквата во 1998 година и организацијата дознала дека таа западнала во сериозни финансиски тешкотии околу 2002 година, рече Танака, додавајќи дека не ги знаат околностите што довеле до банкрот на семејството.

Тој рече и дека подароците за црквата се даваат на доброволна основа.

Абе им подлегна на прострелните рани во петокот додека зборуваше на предизборен митинг во Нара, западна Јапонија.

Унификационата црква е основана во 1954 година во Јужна Кореја од Сун Мјунг Мун (1920-2012). Таа дејствува во таа земја, како и во САД и во Јапонија.