
Безвременска и елегантна, белата боја е таа што може дури и наједноставниот изглед да го направи луксузен.
Штом календарот покаже дека летото се приближува, тоа е совршен момент нашата гардероба да ја освежиме со облека и модни додатоци во бели нијанси. Костими, фустани, здолништа, кошули, топови, обувки, чанти, марами – сè во бело внесува доза на обновување и свежина во нашиот стил. На крајот на краиштата, оваа неутрална боја се комбинира со сите нијанси – без разлика дали се смели или пастелни – како и со различни дезени, па делува како совршена врска што му дава складност на секој изглед.
Потполно белите комбинации се вистинскиот хит за летната сезона. Со други зборови, можете да составите монохроматски изглед во бело, кој ќе биде идеален како за на работа, така и за прошетка низ град или за одмор. Наједноставниот и најсигурен начин е комбинацијата на бел фустан со бели сандали или еспадрили, надополнета со аксесоари од природни материјали како што е рафијата.
Летото веќе ни тропа на врата, а ние во галеријата издвоивме 10 комплетно бели стајлинзи кои ќе ве инспирираат да го обновите вашиот стил.